Постојаните тесни грла во снабдувањето ги зголемуваат цените на контејнерскиот бродски транспорт, а бродскиот сектор очекува тие да останат високи до крајот на годината.
Цените за испорака на контејнери од Азија кон САД и Европа продолжуваат да растат со историско темпо, бидејќи сопствениците на товари ги креваат цените во потрага по капацитет за прекуокеански транспорт .
Просечната цена ширум светот за испорака на контејнер од 40 стапки е повеќе од четири пати поголема од пред една година според глобалниот индекс на цени на лондонскиот Drewry Shipping Consultants Ltd, објавува Wall Street Journal.
Цените за испорака од Кина до најголемите пристаништа во Европа и Западниот брег на САД достигнуваат до 12.000 американски долари за контејнер, а некои компании велат дека им се наплатува и 20.000 долари за договори во последен момент за стоката да се натовари на брод побрзо.
За да се добие термин за транспорт со конејнерски брод треба да се резервира најмалку два месеци однапред.
Експертите за испорака велат дека зголемувањето на цените на прекуокеанскиот транспорт е резултат на нарушувања во синџирите на снабдување што предизвика одложувања во пристаништата и мрежите на дистрибуција во внатрешноста, бидејќи западните трговци и производители побрзаа да ги надоместат залихите што беа исцрпени за време на пандемијата со Ковид-19.
Цените започнаа да се зголемуваат минатото лето, бидејќи побарувачката на потрошувачите започна да расте со крајот на блокадите.
Покачувањето на цените се забрза бидејќи настаните, вклучувајќи ја и блокадата на Суецкиот канал во март и тесните грла во кинеското пристаниште Јантијан, блокираа бродови на море со денови, па и недели, предизвикувајќи доцнења и одложувања во синџирите за снабдување.
Експертите за снабдување велат дека високите цени за прекуокеански транспорт ги оставаат компаниите со мал избор: или да ги платат цените и да се обидат да им ги пренесат трошоците на своите клиенти или да се повлечат од странските пазари.
Очекувањата се притисоците во испораката да потраат до почетокот на 2022 година, бидејќи во следните неколку месеци заостанатите пратки, застојот и одложувањата можат само да се влошат “.