На светските берзи цените на нафтата драстично паднаа минатата недела, паѓајќи на нивоа од февруари оваа година под притисок на загриженоста дека рецесијата во глобалната економија ќе доведе до пад на побарувачката за енергија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се намали за 8,7 отсто, на 94,92 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 9,7 отсто, на 89,01 долари.
Значителниот пад на цената на нафтата уследи по јулскиот пад, при што барелот на лондонскиот пазар падна за околу 4 отсто, а на американскиот пазар за речиси 7 отсто.
Цената на нафтата на меѓународните пазари сега е на најниско ниво од февруари годинава.
Минатата недела трговците со нафта беа загрижени поради силната инфлација, забавување на економскиот раст и помалата побарувачка.
Загриженоста за рецесија се интензивираше откако британската централна банка во четвртокот ги зголеми каматните стапки за 50 базични поени на 1,75 отсто, највисоки во последните 27 години, и предупреди дека економијата може да западне во рецесија оваа година која би можела да трае до 2024 година
Од друга страна, американската економија веќе забележа два тромесечни пада на активноста и по дефиниција е веќе во техничка рецесија. Сепак, инвеститорите се позагрижени за скокот на вработеноста во јули за 528.000, што е повеќе од очекуваното и воедно 19-ти месец по ред како се зголемува бројот на вработени во најголемата светска економија. Тоа, всушност, го отвора патот ФЕД да продолжи со агресивно зголемување на каматните стапки.
ФЕД веќе во два наврати ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени или вкупно 1,5 отсто, а истото би можело да го направи и во септември, бидејќи сака да ја ограничи инфлацијата. Повисоките каматни стапки имаат негативно влијание врз економскиот раст, што пак може да доведе до пад на побарувачката за нафта од најголемиот светски потрошувач.