Како американските царини ќе се одразат врз македонскиот извоз?

Американскиот  претседател Доналд Трамп, за период од неполн месец откако ја презема власта, со молскавична брзина донесе десетици одлуки кои можат тектонски да го сменат текот на глобализацијата и целосно да го редефинираат начинот на кој се тргува во светот.  

Една од последните одлуки на Трамп која ја потпиша на 13 февруари е уредбата со која на администрацијата ѝ наложи да предложи таканаречени реципрочни царини кон сите земји кои тргуваат САД.
Реципрочните царини, кои би требало да бидат официјално објавени на почетокот на април, би можеле целосно да ги преобликуваат трговските односи на Америка со светот.
Претходно, претседателот Трамп донесе одлука за воведување на царински стапки од 25% за увоз на челик и алуминиум, која треба да почне да се применува од 12 март. Неодамна беа најавени и дополнителни царини за увозот на автомбили, кои би стартувале одпочетокот на април, но се уште нема без детали за кои земји би се однеусвале и колкави би биле тие.

Новите реципрочни царини би биле приспособени соодветно за секој трговски партнер на САД. Целта е да се неутрализираат не само царините кои некоја земја ги има за производите кои се увезуваат од САД, туку и другите фактори за кои се смета дека ги ставаат американските производители во неповолна положба, како што се субвенциите за бизнисите кои се сметаат за неправедни, регулативите, даноците на додадена вредност (ДДВ), девизните курсеви и слабата заштита на интелектуалната сопственост.

Откако ќе се земат во предвид царините, но и ефектот на овие таканаречени „нетарифни бариери“ би се предложиле новите давачки кои би биле различни за секоја земја. Реципрочните цариин би можеле да се наметнат на повеќе начини: тие би можеле да се применат на одредени производи, на цели индустрии или како просечна царина за стоки што пристигнуваат од одредена земја.

Дали и колку ќе биде погоден македонскиот извоз во САД?


Трговската размена помеѓу двете земји е релативно мала и во изминатата 2024 година изнесуваше нешто над 314 милиони долари, намалување од 2,1% во споредба со претходната година, односно намалување од 12,6% во споредба со 2019 година, пред пандемијата со Ковид 19. Во трговијата со САД лани сме имале трговски дефицит од 77 милиони долари, што е најмал трговски дефицит во изминатите шест години.

Според податоците на Светска банка, просечната царинска стапка на нашата земја за увоз на производи од странство 5,2% и е меѓу повисоките во регионот и во Европа. Од друга страна просечната царинска стапка на САД е 1,49%.

Македонската економија и извозот можеби не би биле директно на голем удар на реципрочните царини на САД, но поголемиот удар се чини дека може да дојде индиректно, преку негативните ефекти од европската економија. Трамп веќе отворено неколку пати предупреди дека ЕУ веќе подолго време се однесува нефер кон американските компании заради што САД бележат трговски суфицит во трговијата со Европа.
Германската Бундесбанка веќе излезе со пресметки дека во случај на царинска и трговска војна со САД, германското производство би можело да се намали за 1,5 процентни поени, а би биле загубени и илјадници работни места.

Воведувањето на царини за увоз на автомобили се очекува силно да ја погоди европската и германската авто индустрија, за која е врзан речиси половина од македонскиот извоз, а која и сега се соочува со проблеми и амалени нарачки.

Исто така, македонските извозници стравуваат дека во случај САД да воведат 25% царини за увозот на челик и алуминиум кон сите земји, веројатно истиот потег би го следела и ЕУ и би вовела царини за увоз на челик од трети земји, што силно би го погодил македонскиот извоз во ЕУ.

Според прогнозите на Capital Economis најсилно погодени од реципрочните царини на САД би биле Индија, Бразил, Европската унија, Велика Британија, Канада, Аргентина и поголемиот дел од Африка и Југоисточна Азија.
Европската унија веќе најави дека ќе возврати силно доколку САД одлучат да воведат царини.

Што тргуваме со САД?


Македонскиот извоз во САД во 2024 година изнесувал 118 милиони долари, раст од 120% во однос на 2023  година. Македонскиот извоз во САД бележи постојан раст во последните години, односно во споредба со 2019 година пред короната, кога извозот изнесувал 50 милиони евра, вредноста на извозот во последнте шест години е зголемена за 134%.

.

Во минатата 2024 година најизвезуван производ во САД биле автобуси, во вредност од 45,2 милиони долари. Станува збор за извоз на автобуси кои се произведени од страна на Ван Хол, кој беше преземен од холандски VDL.
Втора најизвезувана група на производи се мадраци, од чија продажба се остварени 14 милиони долари. Трета најизвезувана група на производи се електрични машини и опрема со извоз вреден 14,5 милиони долари.

Следат суровиот тутунот од чиј извоз лани се остварени приходи од 9,95 милиони долари, преработките од зеленчук и овошје со извоз од 4,5 милиони долари (најголем дел отпаѓа на ајварот), потоа следуваат чоколади и други производи од какао со извоз од 4 милиони долари, нуклеарни реактори, котли, машини и механички уреди во вредност од 3,6 милиони долари, разни производи за изхрана во вредност од близу 1,8 милиони долари, пијалоци во вредност од 1,65 милиони долари и пластични маси и производи од пластични маси во вредност од 1,3 милиони долари.

Вкупниот извоз на храна во САД во 2024 година инесувал 13,5 милиони долари.

Што најмногу увезуваме од САД?

Во изминатата 2024 година од САД биле увезени стоки вредни близу 196 милиони долари, што е намалување од 27% во споредба со претходната година.
На страната на увозот, најголем увоз од САД лани е направен со увоз на керамички производи за лабароториска, хемиска и др.употреба во вредност од 35,3 милиони долари.

.

Втора најувезувана група производи се нуклеарни раектори, котли и машински уреди со извоз вреден 27 милиони долари. Следат пластични маси и производи од пластични маси во вредност од 15,8 милиони долари, Оптички, фотографски и мерни апарати во вредност од 15,2 милиони долари, Електрични машини и опрема во вредност од 15 милиони долари, Возила и делови во вредност од 13,4 милиони долари, Минерални горива и масла со увоз вреден 11,3 милиони долари, Фармацевтски производи со извоз вреден 9,3 милиони долари и Разни производи на хемиската индустрија со извоз од 8,9милиони долари.

Како би функционирале реципрочните царини?

Новите увозни даноци треба да се приспособат за секој трговски партнер на САД. Целта е да се неутрализираат не само царините на трговскиот партнер на САД, туку и други фактори за кои се смета дека ги ставаат американските производители во неповолна положба. Тука спаѓаат, на пример, субвенциите за бизнисите кои се сметаат за неправедни, регулативите, даноците на додадена вредност (ДДВ), девизните курсеви и слабата заштита на интелектуалната сопственост.

Овие таканаречени „нетарифни бариери“ тешко се квантифицираат, што создава огромен предизвик за Канцеларијата на трговскиот претставник на САД и Министерството за трговија, кои имаат задача да ги предложат новите давачки за секоја земја.

Реципрочните тарифи може да се наметнат на повеќе начини: тие би можеле да се применат на одредени производи, на цели индустрии или како просечна царина за стоки што пристигнуваат од одредена земја.

За време на предизборната кампања, Трамп се закани дека ќе воведе универзална царина од 20% за увозот од сите земји освен Кина. Првично, тој се закани со царини од 60% за увозот од Кина, но оттогаш наметна давачки од 10% за нив.

САД го сигнализираат „почетокот на нова фаза во глобалната трговија“ во која САД ја користат својата моќ не за да влијаат на глобалните правила, туку на билатералната трговија со стоки.

Очигледно, голем дел од светот би можел да биде погоден, имајќи предвид дека администрацијата на Трамп разгледува поопшта дефиниција за трговска „праведност“.

САД имаат вкупен трговски дефицит, што значи дека увезуваат повеќе од другите земји отколку што извезуваат, а Трамп смета дека оваа нерамнотежа е фундаментално неправедна. Тој постојано се жалеше на даноците на додадена вредност на стоките произведени во САД што се продаваат во други земји, особено за ДДВ од 15%  во Европската унија. Во Јапонија исто така има данок на потрошувачка од 10%.

Има ли простор за преговори?

Досегашното искуство покажува дека Трамп сака прво да шокира, а потоа да преговара. За време на неговиот прв претседателски мандат, тој обезбеди царински ослободувања за некои нации и за некои увозни производи по лобирањето од домашните индустрии кои би биле погодени од давачките.

Кина избегна дополнителен круг царини во 2019 година, откако вети дека ќе купи уште милијарди вредни клучни американски стоки, вклучително и земјоделски стоки. На почетокот на февруари, Трамп го одложи воведувањето царини од 25% за увоз од Мексико и Канада, откако двата американски соседи се согласија да преземат построги мерки за борба против миграцијата и трговијата со дрога на границата.

Сите знаци говорат дека Трамп ќе биде построг во трговијата за време на неговиот втор мандат.

Дали реципрочните царини се фер?

Тоа зависи од тоа дали дефиницијата за „фер“ е доволно флексибилна за да ги земе предвид земјите во различни фази на економски развој. Пазарите во развој имаат тенденција да поставуваат повисоки царини за увоз на одредени стоки за да ги заштитат домашните индустрии и работните места – меѓу нив и земјоделството – додека не достигнат одредено ниво на конкурентност на глобално ниво.