Нема успешна економија без извозна ориентација. Конкуренцијата е главниот двигател на отворениот пазар. Македонската економија има потенцијал, но потребна е регионална интеграција и силна државна поддршка во услови на глобална енергетска нестабилност и неизвесност.

Автор: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Основата и суштината на бизнисот е да биде конкурентен на пазарот, да има фер услови, квалитет и да обезбеди што поголема продажба за подобра цена. Во ек на глобалните економски случувања предизвикани од разни форми на кризи во светот (здравствена, финансиска, политичка, енергетска) кои ја менуваат формата и содржината со недостижна брзина и непредвидливост, речиси е невозможно да се планира економскиот развој на стопанството, а преку тоа и на државата. А без економски развој, нема оддржливост на системот.

Нашето стопанство е во тешка состојба. Треба темелно да се подготвиме, бидејќи оваа енергетска криза ќе потрае. Повеќе од една година алармираме, апелираме, укажуваме со какви сe предизвици се соочува бизнисот во отсуство на директна поддршка и нарушување на конкурентската позиција во регионот и пошироко, во услови кога речиси и да нема земја во окружувањето каде компаниите немаат субвенционирана цена на струјата.
Организираме состаноци со стопанствениците, активно сум на терен во посета на фирмите за директно да ги слушнам нивните проблеми, предвидувања и проекции.

Како резултат на сите овие активности како Комора сме во директна линија и преговори со Владата и работиме на ублажување на енергетската криза и носење на мерки со кои ќе се помогне на стопанството.

Животниот стандард на граѓаните ќе се зачува, само ако државата го помогне стопанството, кое ќе ја одржи економската активност, каде работат армија луѓе. Доколку, пак, тие останат без работа, какви и да се мерките и поддршката на државата за граѓаните, ќе нема пари од каде да се платат сметките за „евтината струја“ за домаќинствата.

Како претседател на Стопанската комора, а согласно нашата основна улога за постоење како Комора на иднината и консултант на бизнисот преку разни облици на делување, донесов одлука со која прогласив кризна состојба во работењето на Комората, во траење од седум месеци од 15 септември 2022 година до 15 април 2023 година. Формиран е Кризен штаб кој стои на раполагање на компаниите членки 24/7 во совладување на кризата со снабдување со електрична енергија.
Од контактите со компаниите преку Кризниот штаб и од сите досега преземени активности ги констатиравме следните состојби. Прво, дека изгубивме непотребно многу време и второ, дека мора да го искористиме овој период до Нова година, кој веројатно ќе биде стабилен, без сериозни рестрикции (ако не се случат големи хаварии во електро системот), за да се спремиме за тешкиот период по Нова година, и на таков начин да се преброди периодот до пролетта, кога, пак, ќе мора да се подготвиме темелно за еден подолг период, бидејќи, многу јасно дека оваа криза ќе потрае подолго. 

Зошто е загрозена конкурентската позиција на Северна Македонија во услови на неконтролирано зголемување на цената на струјата? Затоа што македонските компании плаќаат најскапа струја во регионот.

Србија има цена на струја од околу 100 евра за мегават час, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата. Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават час со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата.

Покрај проблемот со високата цена на електричната енергија, македонските компании имаат уште еден сериозен системски проблем во позиционирањето на извозна конкурентност на меѓународниот пазар кој постои многу подолго и пред овој кризен период низ кој поминуваме.

Македонската економија има неповолната извозна структура бидејќи најголем број од производите што ги извезуваме се со ниска додадена вредност, што е еден од нашите сериозни недостатоци. Македонскиот извоз е премногу концентриран од аспект на бројот на извозни компании, бројот на извозни производи и бројот на извозни пазари.  

1. Според анализите на Комората, во земјата има помалку од 3.000 постојани извозни компании, што е околу 4% од активните деловни субјекти во националната економија.

2. Од аспект на бројот на производи, со вредност поголема од 500.000 евра, извезуваме помалку од 500 производи или 10% (од можни повеќе од 5.200 производи кои се предмет на меѓународна трговија), од кои најголем дел се базични метали, примарни земјоделски производи, производи од текстил и облека, што ја потврдува констатацијата дека извезуваме производи со низок степен на финализација и ниско ниво на додадена вредност.

3. Од аспект на извозните пазари на кои се пласираат македонски производи, извозот во Германија надминува 46% од вкупниот извоз на земјата, додека првите пет извозни пазари имаат 64% релативно учество во вкупниот извоз. Притоа, нашата земја извезува вредност поголема од 1 милион евра само во 58 земји во светот.

Фокусот на Стопанската комора во следниот период ќе биде насочен кон зајакнување на извозните капацитети и на конкурентноста на извозно- ориентираните компании со цел искористување на можностите за македонската бизнис заедница од заедничкиот регионален пазар и интернационализација на македонскиот бизнис сектор.
За таа цел, Комората во партнерство со УСАИД започна да го имплементира тригодишниот проект за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, преку кој ќе се работи на јакнење на извозната конкурентност на компаниите во периодот јуни 2022 – јуни 2025 година.

Ние во Комората многу добро разбираме дека мала земја како Северна Македонија нема перспектива без извозна ориентација и регионално интегрирање. Преку поддршката што ја добиваме од УСАИД, се надевам дека она што го зборуваме 20 години, сега е моментот на дело да помогнеме и да се реализира.
Сфативме дека без правна држава нема правна сигурност. Активни сме и на тоа поле, и се вклучуваме во разрешувањето на неколку клучни приоритети кои Комората ги поставува како фундамент, меѓу кои борба со сивата економија и корупцијата, гасификацијата на државата, царинските и нетарифните бариери, зголемување на финансиската инвестициска поддршка, финансиска поддршка за извозните компании и иновациите на големите компании, брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот, за обезбедување конкурентски услови на пазарот.

Имаме стратегија наречена Комора на иднината. Имаме и концепт и потенцијал за да одиме напред. Затоа, оваа поддршка ни е важна, а со активностите преку овој проект чиниме добро и за бизнисот, но, уште повеќе и за државата.

И за целото да биде цело, во насока на поддршка на процесот на регионална интеграција, од исклучително значење е да се одржи иницијативата Отворен Балкан (помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија), која треба да овозможи да профункционираат четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Отворен Балкан е засилувач на регионалната соработка и поврзаност кога станува збор за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. А токму функционирањето на слободниот проток помеѓу трите земји треба да ги мотивира и останатите три земји од Западен Балкан (Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора) за приклучување кон иницијативата, бидејќи патот кон ЕУ интегративните процеси води преку регионално поврзување. Најдобар пример за тоа е Вишеградската група на земји, кои во процесот на период од 17 години на регионално поврзување, ја зголемиле меѓусебната трговска соработка за повеќе од 380%.

Процесите се почнати, патот се трасира. Останува сите ние да си го сработиме својот дел од работата и конечно, извозот и развојот на економијата да ги ставиме како врвен приоритет. Бидејќи, без извоз нема развој, без развој нема напредок и успех.

А ние сакаме да сме успешни!

Колумната е целосно објавена во печатеното издание на специјалната едицијата Топ 100 Извозници 2022.