Германиja ги затега правилата за странски преземања

Администрацијата на канцеларката Ангела Меркел се согласи да ги затегне правилата и да ги заштити компаниите од несакани преземања од страна на инвеститори кои потекнуваат од земји надвор од Европската унија, пишува Блумберг.

Законските измени кои се денеска одобрени ќе и дадат можност на германските власти да блокираат зделки кои претставуваат закана за германските интереси. Во моментот германските власти имаат можност да блокираат зделки за кои ќе се оцени дека се закана за сигурноста.

Властите исто така ќе можат да го ограничат пристапот до know-how на компаниите додека одредена зделказа преземање е во процес на проверка од надлежните институции.

Бидејќи пандемијата со корона вирусот има силно влијание врз светската економија властите предупредуваат дека компаниите кои се особено важни за германските интереси можат да станат мета на странски интереси.

Во првиот чекор, законот ќе биде изменет така што ќе може да се преиспита потенцијален договор доколку има „веројатна штета“ на јавниот систем или безбедноста.

Министерството за економија на германија планира и втор чекор со кој ќе се бара инвеститорите во вештачка интелигенција, роботика, полупроводници, биотехнологија и квантна технологија да ги објават јавни сите купувања на над 10% од акциите со што ќе и дозволи да спроведе потребна контрола на зделката.

Претходно, оваа обврска важеше само за инвестиции во области како што се енергијата, водата, телекомуникациите и одбраната.

Овој потег доаѓа во време кога најголемата економија во Европа, и ЕУ како целина, ги преиспитуваат односите со Кина во услови на зголемени инвестиции во критичните сектори од кинески државни компании.