Кинескиот извоз нагло порасна во септември, покажаа официјалните податоци во средата, со што азискиот гигант е на пат да оствари рекорден трговски суфицит во 2026 година, но и ризикува и нови критики од Вашингтон и Брисел поради трговскиот дисбаланс.
Според Кинеската царинска управа, кинескиот извоз во септември пораснал за 36,3% во однос на истиот месец претходната година. Ова е значително побрз раст од прогнозираните 25,7% од страна на аналитичарите анкетирани од „Блумберг“. И увозот на Кина порасна повеќе од очекуваното, бележејќи раст од 31% на годишно ниво.
Севкупно, втората по големина економија во светот минатиот месец оствари трговски суфицит од 133,5 милијарди долари (119 милијарди евра), што претставува највисок месечен суфицит од јануари 2025 година.
Кумулативно, во првите девет месеци од годината, кинескиот трговски суфицит изнесуваше 938,1 милијарда долари, што укажува на тоа дека во 2026 година ќе се достигне нов годишен рекорд, надминувајќи ја сумата од 1,2 трилиони долари забележана минатата година.
Соочен со домашна побарувачка која останува значително слаба, Пекинг во голема мера се потпира на извозот за да ја постигне својата цел за годишен раст меѓу 4,5% и 5%.
Сепак, овој извозен подем предизвикува сè поголеми критики од неколку трговски партнери на Кина, особено од САД и Европската Унија (ЕУ).
Кинескиот извоз кон САД порасна за 39,6% во септември. Овој извоз имаше корист од поволниот „базен ефект“, со оглед на остриот пад на трговијата минатата година, во услови на трговска војна меѓу двете земји.
Истовремено, кинескиот извоз кон ЕУ се зголеми за 25,3%, додека увозот од ЕУ остана стабилен.
Брисел го смета својот трговски дефицит со Кина, кој надминува една милијарда евра дневно, за „неодржлив“ и најави дека има намера да ги ребалансира трговските односи со Пекинг.
ПОВРЗАНИ ОБИАВИ:
Рекордни 20 кинески брендови на Саемот за автомобили во Париз, двојно повеќе од пред две години
Како Кина за 25 години ја промени и освои светската автомобилска индустрија
Роботите ќе бидат следниот двигател на производствената и извозна доминација на Кина

























