Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска упати итен повик до развиените и другите економии да ги намалат државните расходи, буџетските дефицити и нивоата на долг, предупредувајќи дека одложувањата само ќе ја отежнат работата во наредните години.

Родриго Валдес, раководител на Одделот за фискални прашања при ММФ, изјави дека растот на приносите на државните обврзници ги зголемува фискалните притисоци во време кога просечниот јавен долг се очекува да достигне 100% од бруто-домашниот производ – највисоко ниво од Втората светска војна – што на земјите им остава помалку простор за одложување.

„Велиме дека сега е итно, и тоа токму сега, бидејќи условите во суштина се променети“, рече Валдес, укажувајќи на ризиците поврзани со инфлаторните притисоци, високите нивоа на глобален долг и растот на приносите на државните обврзници.

Пред одржувањето на годишните состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок оваа недела, Валдес за Ројтерс изјави дека „фискалните резултати оваа година се полоши од очекуваното пред шест месеци, како и полоши од оние пред една година“.
Повеќето земји сега размислуваат за зголемување на потрошувачката наместо за фискална штедливост, рече тој.

ПОТРЕБА ОД ГРАДЕЊЕ ПОЛИТИЧКА ПОДДРШКА

Валдес истакна дека предизвикот за големите развиени економии со високи нивоа на долг е да изградат политичка поддршка за конкретни планови за ограничување на трошоците за задолжување на среден рок и за ограничување на прелевањето на негативните ефекти врз остатокот од светот.

„Колку подолго чекаат земјите, толку поболно станува прилагодувањето“, наведуваат од ММФ, потенцирајќи дека одложувањето на прилагодувањата би довело до зголемен товар од камати и фискални ранливости, дополнително стеснувајќи ги опциите за водење политики.

Условите за финансирање за многу економии во развој и пазари во подем останаа поволни, но тоа може да се промени, соопшти ММФ, повикувајќи ги овие земји исто така да ги намалат своите фискални ранливости и да го зајакнат управувањето со долгот.

Земјите со ниски приходи, каде што пристапот до надворешно финансирање веќе е потежок, треба да ги зајакнат своите даночни системи и да ја подобрат ефикасноста на јавната потрошувачка, наведе ММФ.

Високите цени на нафтата, упорната инфлација, зголемената побарувачка за инвестиции и растот на вештачката интелигенција кој ги надмина очекувањата, доведоа до нагло зголемување на приносите на долгорочните државни обврзници во последните месеци.

Според ММФ, просечниот принос на 10-годишните државни обврзници на земјите од Г-7 пораснал за повеќе од 110 базични поени во периодот од февруари до септември, достигнувајќи го највисокото ниво во речиси две децении.

ММФ наведе дека ефективниот просечен трошок за државно финансирање се очекува да се зголеми на 3,7% до 2031 година, во споредба со 2,3% во 2021 година.
Во САД, плаќањата на камати се очекува да достигнат 5,3% од БДП – што е пораст од 2,8% од БДП пред пандемијата на КОВИД – износ што е приближно еднаков на проектираните расходи за социјално осигурување.

Оваа бројка е уште повисока во земјите со ниски приходи, каде што плаќањата на камати денес одземаат повеќе од 15% од даночните приходи, наспроти просечниот трошок од околу 9% во периодот помеѓу 2011 и 2019 година.

Стапките на инфлација над целното ниво и повисоките цени на енергенсите значат дека централните банкари веројатно ќе треба да ги задржат каматните стапки на повисоко ниво подолго време; тоа, пак, ќе ја ограничи способноста на владите да одговорат на економските падови, токму во момент кога се зголемуваат барањата за поголеми трошоци за одбрана, енергетска безбедност и потребите на населението што старее.

Каматните стапки на долгот ги надминуваат стапките на раст

ММФ наведе дека каматните стапки на долгот сега ги надминуваат и очекуваните стапки на номинален раст во голем број земји, што дополнително ќе им ја отежне стабилизацијата на долгот.

Валдес изјави дека сè повеќе земји дозволуваат прелевање на повисоките цени на енергенсите врз крајните потрошувачи, но многу од нив сè уште се потпираат на скапи и опсежни мерки за заштита на населението.

„Нашата проценка е дека, земени заедно, фискалните трошоци за сите овие мерки изнесуваат околу половина процент од глобалниот БДП (бруто-домашен производ)“, рече тој, истакнувајќи дека продолжувањето на таквите мерки би довело до натамошен раст на цените на глобално ниво.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

ММФ предупредува: Вештачката интелигенција носи повисок раст, но и цунами на пазарот на труд

Шефицата на ММФ предупреди дека цените на енергенсите ќе останат високи