Европската автомобилска индустрија е под „огромен притисок“ поради кинеската конкуренција и промените на пазарот, предупреди шефот на Volkswagen, Оливер Блуме, повторувајќи ги повиците за пофлексибилни регулативи и субвенции за поддршка на локалните производители, пренесува Ројтерс.
Говорејќи на настан одржан паралелно со Саемот за автомобили во Париз, Блуме изјави дека Volkswagen, Stellantis и Renault – „кои заедно се одговорни за повеќе од 60% од европското производство на автомобили“ – се соочуваат со зголемен притисок да произведуваат достапни електрични возила, истовремено одржувајќи ги трошоците под контрола.
„Не можеме да ја градиме нашата иднина исклучиво врз профитот од извоз. Нашите европски бизниси мора да бидат профитабилни, отпорни и конкурентни“, рече првиот човек на најголемиот европски производител на автомобили.
Блуме се обидува да ја спроведе најголемата реорганизација во историјата на Volkswagen, која вклучува отпуштање на десетици илјади работници и можно затворање на фабрики, при што се соочува со противење од синдикатите.
„Мораме да ја обезбедиме индустриската база на Европа“, рече Блуме.
Volkswagen, Stellantis и Renault претставуваат нови модели на електрични возила на Саемот во Париз, бидејќи побарувачката во Европа расте поради зголемените цени на горивото и поширокиот избор на возила произведени со пониски трошоци.
ИзвозМК објавид ека на саемот во рекорден број се присутни и кинески брендови кои се обидуваат да го прошират своето присуство во Европа додека растот на нивниот домашен пазар забавува, што поттикнува загриженост кај европските производители во врска со влијанието на евтиниот увоз.
Volkswagen, Stellantis и Renault се силно присутни во сегментот на масовниот пазар, каде што големиот обем на продажба обично оди рака под рака со ниски профитни маржи.
„Овој деловен модел е под огромен притисок во Европа“, рече Блуме, поддржувајќи ги повиците на Volkswagen до властите да ја поддржат индустријата преку пофлексибилни регулативи и субвенции за локалните производители.
Извршниот директор на Stellantis, Антонио Филоза, во понеделникот ги повика европските регулатори да понудат посилни стимулации за производителите на автомобили што ги градат своите возила во регионот, со оглед на тоа што конкуренцијата од Кина се засилува.
„Силно ја поддржуваме идејата за обезбедување еднакви можности за сите во Европа. Конкретно, тоа значи работа на праведна регулатива, почнувајќи од ознаката ’Произведено во Европа‘, која треба да обезбеди стимулации, награди и заштита за оние што можат да докажат дека самите ги дизајнираат и произведуваат автомобилите“, рече Филоза.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Директорот на Volkswagen: „Ситуацијата е повеќе од критична“
Профитот на Volkswagen се намали за над 30 % во вториот квартал

























