Претставници на дваесет македонски и триесет казахстански компании учествуваа на Првиот бизнис форум во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Р. Казахстан и компанијата Матрона Конс, кој се одржа во Алмати на 5 и 6 септември 2022 година.
На истиот, активно учество зедоа претставници од министерствата за надворешни работи и министерствата за економија на двете земји, како и дел од стопанските комори.
Целта на овој деловен настан e да се создаде поволен амбиент за соработка и размена на искуства и идеи за да се обезбедат деловни услови кои ќе ги доведат двете земји и нивните претпријатија на повисоко ниво на соработка.
Бизнис форумот беше специјално дизајниран со B2B средби за да обезбеди ефективни информации за правните субјекти за можностите за соработка и воспоставување врски меѓу компаниите, како и меѓу претставниците на јавната администрација и претпријатијата.
На форумот присуствуваа повеќе од 80 лица, меѓу кои претставници на владите на двете земји, членки на стопанските комори и бизнис претставници на земјите учеснички од перспективни индустрии како што се земјоделскиот сектор, фармацевтските производи, производството на електрична енергија, инфраструктурата, франшизата , нафта и гас, дистрибуција и туризам.
Компаниите имаа можност да одржат деловни состаноци со потенцијални партнери од Казахстан и да поразговараат за потенцијални соработки во иднина.
,,Казахстан е една од водечките земји во Централна Азија. Казахстанската деловна заедница има долгогодишно искуство во областа на трговијата и соработката на меѓународно ниво. И Северна Македонија има големи можности и поволна локација, а ние можеме да станеме еден од чекорите за Казахстан да го развие бизнисот во Европа. Имаме можност да им понудиме на казахстанските бизниси да започнат со производство во која било област во Северна Македонија. Ако сакаат да бидат претставени на европскиот пазар, тогаш Северна Македонија е вистинското место. Овој форум е значаен чекор во продлабочувањето на секоја заемно корисна соработка која им служи на главните интереси на двете страни, а заедничка непоколеблива цел ќе биде насочување на немилосрдните напори и заложби за нов, позначаен напредок во односите меѓу двете земји, воспоставување принципи, насоки и рамки за дејствување. Цврстата договорна рамка, одличното меѓусебно разбирање и заедничките интереси се почетна точка за сериозно проучување на потенцијалот за градење пошироки економски партнерства и продлабочување на практичната соработка”, изјави Сали Лимани, амбасадор на Р.С.Македонија во Р.Казахстан.
,,Во мала пазарна економија како нашата, меѓународната трговија е многу значајна. Нашата држава има корист од зголемување на БДП, прилив на капитал, зголемување на вработеноста, додека компаниите имаат можност за поголема продажба, зголемена стабилност и продуктивност, подобрена конкурентност и иновации. Имаме квалитетни домашни компании со одлични производи и услуги. Процесот на интернационализација е сложен и бара многу вештини и експертиза. Ваквите форуми се исклучително ефикасни во наоѓање на партнери, нови дистрибутери на нови пазари. Затоа ни претставува чест и предизвик да ги поддржиме компаниите и да учествуваме во организација на овој бизнис форум”, изјави Тања Евросимовска, основач на Матрона Конс.
“Акциониот план 2021-2023 за економска соработка потпишан по меѓу Министерот на надворешни работи на Р.С.Македонија, Бујар Османи и Министерот за надворешни работи на Р.Казахстан, Мухтар Тилеуберди, се остварува на дело”, истaкна меѓу другото во својата изјава Директорот на директоратот за економска и јавна дипломатија во МНР, амбадасорот Игор Попов.
Во месец октомври се очекува да се одржи Првата сесија на мешовитата комисија за трговска и економска соработка на која ко – председатели се Министерот за економија на Р.С.Македонија, Крешник Бектеши и Министерот за национална економија на Р.Казахстан, Алибек Куантиров, на која ќе се потпишат неколку меморандуми, истакна г-ѓа Размена Чекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерство за економија на РС.Македонија.
“Имајќи ги во предвид последните настани со енергетската криза во светот, поконкретно во Европа и Балканот се барат алтернативни можности. Со оглед на фактот што Казахстан е еден од најголемите производители и дистрибутери на енергетски ресурси, гледаме голем потенцијал за соработка и се надеваме дека ќе постигнеме значаен напредок во нашата соработка”, изјави директорот на Национални Енергетски Ресурси ( НЕР) , Бајрам Реџепи.