Европската комисија вчера достави предлог до земјите членки и придружните земји од Шенген зоната кој предвидува ограничувањето за сите непотребни патувања да се продолжи до 15 јуни.
Од Европската комисија сметаат дека без оглед на постепено укинување на рестриктивните мерки на одредени европски земји, ситуацијата е сè уште кревка и затоа е потребен координиран пристап за повторно отворање на Шенген-зоната кога здравствената состојба тоа го дозволува.
„Ограничувањата за слободно движење и контролите на внатрешните граници ќе треба да бидат постепено укинувани, пред да ги отстраниме ограничувањата на надворешните граници и да обезбедиме пристап до Унијата за државјани на трети земји за оние патувања што се неопходни“, рече комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.
Патните ограничувања, како и повикот за проширување на овие мерки, се однесуваат на зоната ЕУ +, во која членуваат членки на ЕУ и членки на Шенген зоната кои не се дел од Унијата: Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
На 16 март Европската комисија ги повика земјите членки на ЕУ и членовите на Шенген зоната да воведат привремено ограничување од 30 дена, за патувања што не се потребни, а на 8 сприл беше продолжена до 15 мај.