Потребни се нови извозни производи и извозни компании за поголем ефект од агросекторот

“Со извезени производи во висина од околу 540,7 милиони евра и релативно учество во вкупниот извоз на ниво на државата од 9,2 %, земјоделско-прехранбениот сектор претставува еден од столбовите на домашната економија со огромен потенцијал за негов развој во наредниот период. Оваа индустриска гранка има 323 извозно ориентирани компании и 122 производи кои се извезуваат со вредност поголема од 200.000 евра, од кои 89 производи имаат компаративна предност. Оттука, може да се заклучи дека оваа индустрија има потенцијал за диверзификација на извозот преку зголемување на бројот на нови извозни производи и извозни компании”,  истакна на денешната прес-конференција проф.  д-р Дарко Лазаров.

Делот од Анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, со фокус на земјоделско-преработувачкиот сектор ја презентираше проф. д-р Дарко Лазаров, информирајќи дека, согласно потенцијалите и компаративните предности на македонските производи, анализата упатува на фактот дека е неминовно окрупнување или здружување на компаниите, за заеднички настап на странските пазари и поттикнување на извозните активности.

Земјоделството (вклучително лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата, со учество во вкупниот БДП од околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16-18%. Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми од прикажаните, затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови (220 сончеви денови во годината). Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка, – истакна претседателот на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија, Ѓорѓи Петрушев.

Но македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги прошири можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголеми домашната конкуренција.

При тоа, напуштањето на ценовната поддршка на земјоделските производи во 1997 година, за разлика од ЕУ и соседните земји, услови нелојална конкуренција од увозното субвенционирано производство. Отсуството на други мерки, како супституција на укинатите субвенции,  услови продлабочување на дефицитот од година во година. И покрај системската поддршка која беше вратена во 2006 година, производните резултати во земјоделскиот сектор не забележаа подинамичен пораст.

На прес-конференцијата, Петрушев даде и свое согледување за идната насока во која треба да се движи секторот и она што треба да биде предмет на идни стратегии на македонската Влада, ставајќи акцент на:

– зачувување на диверзитетот на растителни генетски ресурси;
– агроеколошки мерки;
– рурален развој – Проект „Паметни села“ (Smart villages);
– зајакнување на свеста за заштитените ознаки за потекло, заштитените географски ознаки и загарантирани со традиционални специјалитети;
– органски производи;
– висока технологија во земјоделството.

“Создавањето на конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Република Северна Македонија, бара доследно спроведување на сеопфатни мерки во низа области, вклучувајќи: ефективни земјишни политики, финансирање, преструктуирање на земјоделското производство во насока на производи со дефицит на високи примања и ефективен пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот”, констатираше претседателот на Здружението, Ѓорѓи Петрушев.

Извор: Стопанска комора на Македонија