Лош старт на годината за Прилепскиот Мермерен комбинат. Компанијата објави дека првите три месеци годинава ги завршила со значително намалени продажби и загуба.

Според извештајот објавен на Македонската берза, Прилепскиот комбинат Прилеп, кој е еден од најголемите извозници од Македонија, во првите три месеци од годинава остварил вкупни приходи од продажба од 3,5 милиони евра, што е намалување од 45% во споредба со истиот период лани. Најголем дел од приходите од продажба на компанијата или 3,4 милиони евра (97%), биле остварени на странските пазари и тие се помали за 46% во споредба со истиот период лани. Кај приходите од продажба на домашните пазари има зголемување, но тие изнесуваат незначителни 92 илјади евра.

Компанијата информира дека трошоците за продадените производи во првите три месеци годинава се зголемиле за 54%, на 3 милиони евра.
Заради тоа, компанијата првиот квартал го завршила со загуба во работењето од близу 54 илјади евра, што е значително влошување на финансискиот резултат, ако се има во предви дека истиот период лани, Прилепскиот комбинат работел со добивка од 3,2 милиони евра.

Од компанијата информираат дека падот на продажбата се должи првенствено на неповолните временски услови во јануари и февруари годинава, кои сериозно го нарушиле производството на мермер и значително го намалиле производството во текот на тромесечието.

Во соопштението до Македонската берза од Прилепскиот комобинат потенцираат дека по измените на Тарифата за одредување на износот на надоместоци за издавање дозволи и концесии за спроведување на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, концесискиот надоместок се зголемил за 122% во споредба со истиот период лани. Исто така се зголемиле и трошоците за вработените за  12% во споредба со истиот период минатата година, додека трошоците за енергија, суровини и потрошен материјал се зголемиле за 19%.

Сепак, EBITDA за периодот остана позитивна на 28.202 илјади денари, нагласувајќи ја издржливоста и профитабилноста на основните операции на Друштвото. Гледајќи напред, во следните квартали се очекува закрепнување. Друштвото планира зголемување на нивото на производство и капацитетот и одржување на стабилни, профитабилни операции. Ова ќе биде поткрепено и со континуирани напори за контрола и оптимизирање на трошоците, што ќе резултира со подобрување на финансискита состојба во следните квартали”, велат од прилепскиот Мермерен комбинат.

Според последното издание на едицијата Топ 100 извозници, Мармерен комбинат е 31 најголем извозник од Македонија со извоз од 29 милиони евра во 2023 година.

Мермерниот комбинат од Прилеп е извозник на познатиот мермер Сивец, кој е употребен во многу познати градби низ целиот свет.

Најголем сопственик на Мермерниот комбинат е грчката компанија Pavlidis Marble, преку компанијата Stone Works Holdings, со седиште во Холандија.