ЕУ подготвува планови за принудување на европските компании во клучни сектори да купуваат компоненти од најмалку три различни добавувачи, во обид да ја намали зависноста на блокот од Кина.
Како што пишува Financial Times, nовите правила би ги погодиле компаниите во голем број клучни сектори, како што се хемикалиите и индустриската машинерија, кои се пожалија на пораст на евтиниот увоз од Кина.
Новата законска регулатива би можело да постави ограничувања, проценети на околу 30-40%, за уделот на купувања од еден добавувач. Останатите компоненти би морале да доаѓаат од најмалку три различни добавувачи, кои не можат да припаѓаат на истата земја.
Комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ, сака да се справи со трговскиот дефицит на блокот, проценет на околу 1 милијарда евра дневно, и да ги заштити европските компании од користењето на трговијата како оружје од страна на Кина.

Оваа одлука, ако биде прифатена од сите европски членки, може да биде значајна шанса за други земји и компании да станат нови добавувачи за европската индустрија.

Кинеската зависност станува преголема

Европските функционери се гласни дека во многу области ЕУ станува постепено зависна од кинескиот извоз и дека овие зависности доаѓаат со цена, заради што потенцираат да се засилат напорите за диверзификација.

Масовните инвестиции на Кина во индустријата, поддржани од значајни субвенции пријавени од ММФ, претставуваат сериозна закана за индустриската база на ЕУ. Кинеската влада ги отфрли овие обвинувања, тврдејќи дека обемот на нејзината индустриска политика често е преувеличен и дека Европската Унија „спроведува протекционизам под маската на фер конкуренција“.

Плановите се очекува да бидат презентирани на 29 мај

Функционерите на ЕУ предупредија дека плановите се во рана фаза, но треба да бидат презентирани на состанокот на Комисијата посветен на односите со Кина, закажан за 29 мај. Доколку бидат одобрени на ниво на комесари, предлозите потоа би можеле да бидат дискутирани и потврдени од лидерите на ЕУ на самитот кон крајот на јуни.
Неофицијално, мерките нема да бидат исклучиво насочени кон Кина, бидејќи одредени суровини и индустриски влезови доаѓаат од ограничен број земји, како што се хелиумот од САД и Катар или кобалтот од Демократска Република Конго и Индонезија.

ЕУ, исто така, планира да ја користи својата мрежа на договори за слободна трговија со над 70 земји за диверзификација на синџирите на снабдување и зголемување на инвестициите во производството.

Фото: Magnific

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Роботите ќе бидат следниот двигател на производствената и извозна доминација на Кина

Извозот на електрични возила од Кина експлодира – раст од над 111% во април

Србија преговара за вклучување на автомобилските компании во синџирот на снабдување на фабриката на кинеската BYD во Унгарија