КОСТАЛ Македонија утре, на 21 мај, со свечен настан во Охрид ќе одбележи 10 години успешна работа. На настанот ќе присуствуваат високи гости, меѓу кои Андреас Костал, претседател на Управниот одбор на КОСТАЛ Групацијата, и премиерот Христијан Мицкоски.

Во пресрет на јубилејот, едно од најпрепознатливите обележја на Охрид – Самуиловите тврдини – засветија во боите на компанијата, испраќајќи симболична порака за поврзаноста меѓу современата индустрија и градот со богата историја.

Осветлените тврдини, заедно со билбордите поставени низ градот со јубилејното лого на компанијата, создадоа впечатлива атмосфера пред свеченоста што ќе се одржи на 21 мај во фабриката на КОСТАЛ во ТИРЗ Охрид.

КОСТАЛ, кој произведува високо софистицирана опрема за автомобилската индустрија, во изминатата деценија се етаблираше како една од најзначајните компании за економскиот развој во регионот и државата, но и како една од клучните производствени локации во рамки на КОСТАЛ Групацијата на глобално ниво.

Според податоците на Company Wall, КОСТАЛ Македонија минатата година остварила вкупни приходи од близу 245 милиони евра, што претставува раст од импресивни 64 проценти, во услови на забавување на германската автомобилска индустрија. На крајот на 2025 година, компанијата имала 1.188 вработени, а профитот достигнал 7,6 милиони евра.

Според рангирањето во последната едиција „ТОП 100 Извозници“, КОСТАЛ Македонија е седми најголем извозник во земјава, додека силниот раст на приходите во 2025 година ја позиционира меѓу петте најголеми извозници од Македонија.

Јубилејната свеченост ќе започне со прием на гости и официјални обраќања на претставници на менаџментот на КОСТАЛ Групацијата, германската амбасадорка Петра Дрекслер, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

На утрешниот настан, обраќања ќе имаат Виктор Мизо, генерален директор на КОСТАЛ Македонија, Андреас Костал, претседател на Управниот одбор на КОСТАЛ Групацијата, како и повеќе гости од бизнис и политичкиот живот.

Фото: A.Момироска, Охридњуз

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

ВИКТОР МИЗО: И покрај сите предизвици, КОСТАЛ Македонија ќе ја заврши годината со рекорден извоз од 230 милиони евра

Мизо: Планираме да бидеме една од двете најважни локации на Костал во Европа, а за тоа ни е потребен соодветен кадар

ВИКТОР МИЗО: Имаме големи планови за неколкукратно зголемување на извозот на Костал Македонија во следниот период