Германската групација КОСТАЛ со свечен настан во фабриката во Охрид одбележа 10 години успешно работење во Македонија. На настанот присуствуваа бројни високи гости, меѓу кои Андреас Костал, претседател на Управниот одбор на КОСТАЛ Групацијата, премиерот Христијан Мицкоски, како и претставници од политичкиот и економскиот живот во земјата.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, менаџментот на компанијата се осврна на развојот на инвестицијата во изминатата деценија и на позицијата што КОСТАЛ Македонија денес ја има во рамки на групацијата и македонската економија.




Генералниот директор на КОСТАЛ Македонија, Виктор Мизо, истакна дека компанијата од стартот на производството во 2016 година бележи континуиран раст и денес претставува една од најзначајните индустриски компании во земјава.
„КОСТАЛ го започна производството во Македонија во 2016 година, во објектите на поранешен ЕМО, а за релативно краток период прерасна во една од најзначајните компании во земјата и регионот. Денес компанијата вработува 1.340 лица, има реализирано инвестиции од 200 милиони евра и за годинава планира извоз од околу 280 милиони евра“, изјави Мизо.
Тој нагласи дека фабриката во охридски Косел е втора најголема производствена локација на КОСТАЛ во Европа и располага со едни од најсофистицираните и технолошки најнапредни производствени процеси во рамки на групацијата.
„Голема заслуга за овој успех има локалниот тим, инженерите и сите вработени во производството. Благодарност упатувам и до сопствениците и менаџментот од Германија, локалната самоуправа, Владата и државните институции за поддршката што ја добиваме во насока на подобрување на конкурентноста на Македонија како производствена локација“, додаде Мизо.
И покрај предизвиците во европската автомобилска индустрија, КОСТАЛ Македонија и годинава бележи раст. Според Мизо, во првите четири месеци од годинава компанијата остварила зголемување на производството и извозот од околу 20% во споредба со истиот период лани, а за целата година се очекува раст од 20% до 25%.

„Можеби сме во нешто поспeцифична позиција поради портфолиото на производи што ги произведуваме и клиентите со кои работиме, а тоа се германските премиум автомобилски брендови, кај кои моментално има зголемена побарувачка. Сепак, состојбите во Европа остануваат неизвесни и исполнети со ризици, па внимателно ги следиме случувањата на пазарот“, истакна Мизо.
Премиерот Христијан Мицкоски им честиташе на менаџментот и вработените за јубилејот и успешниот развој на компанијата во Македонија.
„Во изминатите 10 години се реализирани навистина импресивни резултати. Инвестиции од 200 милиони евра, отворени се над 1.300 работни места, а годинава се очекува извоз меѓу 280 и 300 милиони евра, со што КОСТАЛ ќе се вброи меѓу петте најголеми извозници од Македонија, и тоа во период кога европската автомобилска индустрија се соочува со сериозни предизвици“, изјави Мицкоски.
Тој порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува странските инвестиции и извозно ориентираните компании.
„Колку КОСТАЛ е поуспешен, толку е поуспешна и македонската економија. Производствени капацитети како КОСТАЛ се од огромно значење за економскиот раст, индустрискиот развој и извозот на државата“, нагласи премиерот.
Според рангирањето во последната едиција „ТОП 100 Извозници“, КОСТАЛ Македонија е седми најголем извозник од Македонија со извоз од 150 милиони остварен во 2024 година, додека силниот раст на приходите во 2025 година се очекува да ја позиционираат меѓу петте најголеми извозници од Македонија.
Костал е германска семејна компанија и водечки светски снабдувач со напредни електронски технологии, електромеханички и мехатронички производи за автомобилската индустрија и големите индустриски капацитети. Во фабриката во Охрид се произведуваат најсовремени и високотехнолошки делови за познати компании како Volkswagen, Skoda, Seat, Audi и Porsche.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
10 години КОСТАЛ во Македонија – Самуиловите тврдини засветија во боите на компанијата
ВИКТОР МИЗО: И покрај сите предизвици, КОСТАЛ Македонија ќе ја заврши годината со рекорден извоз од 230 милиони евра
Мизо: Планираме да бидеме една од двете најважни локации на Костал во Европа, а за тоа ни е потребен соодветен кадар

























