Советот на Европската Унија усвои нова регулатива со која се воспоставува построга рамка за заштита на европскиот пазар на челик од негативните последици на глобалниот вишок производствени капацитети во секторот.
Регулативата ќе стапи во сила на 1 јули и предвидува значителни измени во режимот за увоз на челик во ЕУ. Според новите правила:
- бесцаринскиот увоз на челик во ЕУ ќе биде намален за 47% во однос на нивото од 2024 година, на околу 18,3 милиони метрички тони годишно;
- за увоз над утврдените квоти ќе се применува царина од 50%, наместо досегашните 25%;
- ќе бидат воведени построги правила за утврдување на потеклото на челикот („melted and poured“) со цел да се спречи заобиколување на трговските мерки.
Истовремено, новиот систем обезбедува поголема флексибилност за економските оператори преку можноста неискористените квоти да се пренесуваат од еден квартал во следниот во рамки на истата година. Според Европската комисија, мерките треба да обезбедат рамнотежа меѓу заштитата на европската индустрија и непреченото снабдување на индустриските потрошувачи, во согласност со меѓународните трговски обврски на Унијата.
Новите квоти се воведуваат во период кога европската челична индустрија се соочува со силен притисок од глобалниот вишок производствени капацитети. Според проценките, глобалниот прекумерен капацитет во секторот до следната година би можел да достигне 721 милион тони, што е повеќе од пет пати над годишната потрошувачка на челик во Европската Унија.
Сериозен предизвик за македонската челична индустрија
Новата регулатива би можела значително да ја погоди македонската челична индустрија, која најголем дел од своето производство го пласира токму на европскиот пазар.
Намалувањето на бесцаринските квоти значи дека дел од извозот на македонските производители би можел да биде опфатен со значително повисоки царински давачки. Тоа директно ќе влијае врз нивната конкурентност на европскиот пазар и може да резултира со намалување на производството, пад на извозот, губење на дел од нарачките, притисок врз профитабилноста и одложување на нови инвестиции во секторот.
ИзвозМК веќе објави дека македонската челична индустрија се соочува со континуиран пад на извозот. Податоците покажуваат дека извозот на железо и челик минатата година бил на најниско ниво во последните осум години.
Негативниот тренд продолжува и годинава. Во првите четири месеци од 2026 година од Македонија биле извезени 234 илјади тони железо и челик во вредност од 165 милиони евра. Вредноста на извозот на железо и челик во овој период е намалена за 11% во споредба со истиот период лани, додека извезените количини бележат пад од 4,5%.
Во текот на 2025 година извозот на железо и челик изнесувал 496 милиони евра, што претставува најнизок износ на извоз во последните осум години.
Новите ограничувања на ЕУ дополнително ги зголемуваат ризиците за секторот, кој и онака се соочува со намалена побарувачка и засилена конкуренција на меѓународните пазари.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Новите мерки на ЕУ за увоз на челик ќе го погодат извозот на македонската челична индустрија
Александар Гечев: Европската интеграција на Македонија мора да значи и индустриска рамноправност
ЕK предложи двојно помали квоти за увоз на челик без царина и двојно повисоки царини од 50%
Извозот на железо и челик од Македонија на најниско ниво во последните седум години

























