Германскиот производител на автомобили Mercedes-Benz во вториот квартал од годинава забележа пад на продажбата од 8% на годишно ниво, главно поради сè посилната конкуренција на кинескиот пазар.

Компанијата соопшти дека во периодот од април до јуни испорачала 417.800 возила, при што најголемиот пад е забележан во Кина. На најголемиот автомобилски пазар во светот продажбата се намалила за 30% во споредба со истиот период лани.

Од Mercedes-Benz како причини ги наведуваат засилената конкуренција и циклусот на обновување на моделската понуда.

За разлика од Кина, компанијата остварила раст на продажбата на други големи пазари. Во САД испораките се зголемиле за 10 %, додека во Европа е регистриран раст од 4%.

Продажбата на електрични возила порасна за 50%

И покрај падот на вкупната продажба, Mercedes-Benz бележи силен раст кај електричните возила. Продажбата на возила на батериски погон, вклучувајќи патнички автомобили и комбиња, се зголемила за 50% и достигнала 63.000 возила.

Европските производители на автомобили се под сè поголем притисок на кинескиот пазар, каде локалните брендови водат агресивна ценовна конкуренција и освојуваат сè поголем удел.

Минатиот месец и конкурентот BMW ја намали прогнозата за основната маржа за 2026 година на само 1 %, посочувајќи дека слабите резултати во Кина продолжуваат да претставуваат сериозен предизвик за автомобилската индустрија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

Кина го уништува последното упориште на германската индустрија

ЕУ планира законски да ги принуди компаниите помалку да набавуваат од Кина

Извозот на електрични возила од Кина експлодира – раст од над 111% во април