Македонскиот извоз забележа двоцифрен раст во јули 2026 година. Од земјава биле извезени 331 илјада тони стоки во вредност од 742 милиони евра, при што вредноста на извозот е зголемена за 11,3%, а извезените количини за 14% во споредба со истиот месец минатата година.

Во истиот период, во земјава биле увезени 576 илјади тони стоки во вредност од над една милијарда евра.

И покрај посилниот раст на извозот, надворешнотрговскиот дефицит останува висок. Покриеноста на увозот со извозот во јули изнесувала 68,5%, додека трговскиот дефицит достигнал 341 милион евра, што е зголемување од околу 5% во однос на јули 2025 година.

Извозот во јуни изнесуваше 827 милиони евра, раст од 18,9% во споредба со истиот месец лани.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – јули 2026 година изнесува 5,1 милијарда евра, раст од 8,35% во споредба со истиот период лани.

Машините и хемиските производи го предводат извозот

Најголема извозна категорија во јули биле машините и транспортните уреди, со извоз вреден 226,7 милиони евра, што претставува раст од 2% на годишно ниво.

Следуваат хемиските производи со 163 милиони евра и раст од 7,6%, додека извозот на електрични машини и уреди достигнал 126 милиони евра, или 0,6% повеќе од лани.

Значително забрзување има кај извозот на храна, кој достигнал 53 милиони евра, со раст од 17%. Особено силен раст бележат тутунот и тутунските производи, чиј извоз е речиси двојно зголемен и достигнал близу 52 милиони евра.

Извозот на железо и челик изнесувал 46 милиони евра, со раст од 0,7%, додека лековите и фармацевтските производи оствариле извоз од близу 14 милиони евра, што е зголемување од 10% на годишно ниво.

Германија останува убедливо најголем извозен пазар

Германија и во јули останува најголемиот пазар за македонските производи. Извозот кон германскиот пазар изнесувал 218 милиони евра, иако е намален за 1,9% во споредба со јули минатата година.

На второто место е Косово, каде извозот достигнал 46,5 милиони евра и забележал силен раст од 46,4%. Следуваат Бугарија со 45 милиони евра (+17%), Унгарија со 43 милиони евра (+23%) и Србија со 40 милиони евра (-1,7%).

Особено висок раст е забележан на белгискиот пазар. Извозот во Белгија пораснал за 170%, на 34,5 милиони евра, со што земјата се позиционирала како шести најголем извозен пазар во јули.

Потоа следуваат Грција со 31,1 милион евра (-10,2%), Италија со 22,7 милиони евра (+19,9%), Чешка Република со 19,9 милиони евра (-13,1%) и Турција со 16,2 милиони евра, каде извозот е зголемен за 41,7%.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Извозот во јуни порасна за 19%: Кои производи и пазари го носат македонскиот извоз во првата половина од 2026?

Кризата во германската автомобилска индустрија го намали уделот на Германија во македонскиот извоз од 48,6% на 36,2%