Американскиот производител на електрични автомобили Tesla ќе гради фабрика во северно Мексико, потврди вчера претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Tesla ќе инвестира 5 милијарди долари во изградба на нова фабрика во Мексико, која се очекува да биде најголемата фабрика за производство на електрични возила во светот.
Според неофицијални извори планот на Tesla е во Мексико да изгради гига фабрика во која ќе може да се произведуваат 1 милион возила годишно од повеќе модели на електрични автомобили наменети за домашниот и странскиот пазар. Според претставници од индустријата, електричните автомобили од мексиканско производство што би се испорачувале во САД ќе се квалификуваат за субвенции обезбедени од администрацијата на Џо Бајден во рамки на планот за поттикнување на електричните возила.
Најголемиот дел од производствениот капацитет на Tesla и нејзината работна сила е во САД, но производителот на автомобили има и производни фабрики во Германија и Кина.
Тесла има комбиниран годишен производствен капацитет од повеќе од 1,9 милиони автомобили во други фабрики.

Странските инвестиции во Мексико го достигнаа своето највисоко ниво во последните години во 2022 година, користејќи ја квалификуваната работна сила во земјата и релативно пониските плати за да го направат глобален центар за автомобилската индустрија.
Инвестицијата на Tesla е голем успех на Мексико, кое работи да се етаблира како центар за таканареченото приближување на инвестициите и да капитализира од геополитичките тензии и нарушувањата на синџирот на снабдување предизвикани од пандемијата Ковид 19 со привлекување на производствени капацитети во Северна Америка и далеку од Азија.
Извор: Reuters, APF