Volkswagen планира делумно да ја отвори својата фабрика во регионот Наваре, Шпанија, на 20 април, откако таа беше затворена кон средината на март, објавува Automotive news Europe.
Фабриката во северна Шпанија треба да биде отворена со една од трите дневни смени, кои ќе работат четири дена во првата недела. Целта е да се воведе втора смена недела после тоа, во зависност од тоа како ќе функционира синџирот на снабдување.
Сите работници би носеле маски и нараквици, а би била зголемена и дезинфекцијата на фабрика, информираат од компанијата.
Во фабриката на Volkswagen се вработени околу 4.800 работници и во неа се произведуваат моделите Polo и T-Cross.
Volkswagen, најголемиот производител на автомобили во светот, има 124 фабрики ширум светот, од кои 72 се во Европа и 28 во Германија.
Компанијата го прекина производството во Европа во втората половина на март поради пандемијата.
Германската компанија вработува 671.000 луѓе ширум светот.
Volkswagen претходно изјави дека бара начини да продолжи производството со работници кои би одржувале безбедно растојание едни од други, со зголемена хигиена и дезинфекција.
Производителот на автомобили, кој е сопственик на марките Audi, Bentley, Bugatti, Lamborghini, Porsche, Seat и Skoda, минатата година продаде 10,96 милиони возила., а во рамки на неговите капацитети се произведуваат мотоциклите Ducati, како и камионите MAN и Scania.