Германското здружение за автомобилска индустрија (ВДА) предвидува раст од 8% за годинава. Продажбата на автомобили во Германија се очекува да зајакне умерено во вториот дел од годината, но сè уште нема да ги достигне нивоата пред кризата.
Според претседателот на ВДА, Хилдегард Милер, продажбата на автомобили оваа година во Германија ќе биде за 8% поголема од минатата година, што би значело 3,15 милиони продадени автомобили, што е далеку под нивото од пред кризата од 3,5 милиони годишно.
Продажбата на тешки комерцијални возила се очекува да порасне за 15%, на 78.000 возила.
Според Милер, не се гледа многу брзо решение за тесните грла во набавката на полупроводници од Азија, заради што многу германски, европски и американски автомобилски компании неодамна мораа делумно да го прекинат производството.
Според ВДА, продажбата на автомобили се очекува да се зголеми за 2%, на 13,4 милиони во Европа оваа година, за 9%, на 15,8 милиони во САД, а во Кина да порасне за 8%, на 21,4 милиони продадени возила годишно, со што ќе се надминат нивоата пред кризата.
И покрај проблемите предизвикани од епидемијата, германската автомобилска индустрија оди напред и во насока на електрична мобилност и дигитализација, во кои се планира да се инвестираат 150 милијарди евра до 2025 година.
Германското здружение за автомобилска индустрија ја повика Европската комисија да не се држи до предвидувањата во контекст на таканаречениот зелен план и укажа на недостатокот на инфраструктура за полнење, посочувајќи дека во моментов 75% од сите станици за електрично полнење во ЕУ се во три земји (Германија, Франција, Холандија), а речиси и да нема инфраструктура за алтернативно гориво за камиони.
Извор: Reuters