Германското деловно расположение падна неочекувано во јули, поради постојаната загриженост за недостатоци во синџирите на снабдување и забрзаното ширење на коронавирусот, покажа истражувањето на институтот Ifo објавенo денеска.
Институтот Ifo објави дека индексot на деловна клима паднал на 100,8 поени, за разлика од ревидираните јунски податоци од 101,7 поени.
„Расположението во германската економија сега е пригушено“, вели претседателот на институтот Ifo, Клеменс Фуест.
Проблемите со снабдувањето дополнително ги оптоваруваат производствениот сектор и трговијата на мало, при што скоро 64% од индустриските компании се жалат на недостаток на материјали и суровини, се посочува во истражувањето.
Компаниите дадоа малку подобра проценка на нивната моментална состојба, но намален е оптимизмот за следните месеци.
Пандемијата, природните катастрофи во Кина и Германија и сајбер нападите, ги туркаат глобалните синџири за снабдување до критично опасна точка и се закануваат на кревкиот проток на суровини, делови и производи за широка потрошувачка, според компаниите, економистите и експертите за испорака.
Туризмот и потрошувачкиот сектор се особено загрижени за четвртиот бран на коронавирус.
По повеќе од два месеци постојан пад на бројот на нови инфекции, случаите на заразени со Ковид 19 почнаа да растат во најголемата економија во Европа од почетокот на јули. Ова се објаснува со ширењето на поинфективниот делта сој на коронавирус.
Околу 60 % од вкупното население од 83 милиони Германци ја примиле првата вакцина против Ковид 19, а околу половина од нив биле целосно вакцинирани со обете вакцини.