Економијата на Грција е силно погодена од пандемијата со корона вирусот во вториот квартал и се очекува пад на БДП од 15% до 16%. Според министерот за финансии Христос Стаикурас грчката економијата се предвидува годинава да се намали за 7,5% до 8%, иако проблемите ќе бидат поголеми за одредени финансиски сектори, како што е услугата за храна и туризмот.
Националната банка на Грција (НБГ) проценува дека во април, кога земјата беше во постојан карантин целиот месец заради коронавирусот, падот на БДП изнесувал 21% во споредба со истиот месец лани, додека во мај, кога компаниите постепено го продолжија работењето, падот забавил на 10%. Потоа, во првите две недели од јуни, падот изнесувал само 4,7%.
Грција е четврти по големина трговски партнер на македонската економија седми најголем извозен пазар.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите четири месеци годинава трговската размена со Грција е намалена за 21,8% во споредба со истиот период лани, при што извозот бележи пад од 8,1%, додека увозот е намален за дури 25,4%.
Проценките се дека грчкиот туризам ќе има гдинава штети од над 10 милијарди евра. Со оглед дека турзизмот е еден од носечките столбови на грчката економија, штети ќе имаат и останатите услужни дејности поврзани со туризмот.
Туризмот има директен придонес од 11,7% во грчкиот БДП, а индиректното учество се проценува дека изнесува над 35% до 30%.