За еден денар поевтинуваат бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесува 84,50 денари, а 87 денари на ЕУРОСУПЕР БС – 98. Дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се продава по 97денари, а екстра лесното за 93,5 денари.
Се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, за 0,990 денари за килограм и ќе изнесува 51,473 денари за килограм.
Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,25 проценти во однос на одлуката од 5 септември годинава.
“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 3,236% или за 27,300 $/тон, кај дизелот намалување е во просек за 2,617% или за 28,850 $/тон, кај екстра лесното масло намалување во просек за 2,786% или за 29,100$/тон и кај мазутот намалување во просек за околу 3,266% или за 19,150 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 61,9777 ден/$ и е за околу 0,848% повисок од курсот на доларот (61,4567 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка“, велат ид Регулаторната комисија.