Во првите четири месеци годинава од земјава биле извезени македонски вина во вредност од 19,8 милиони евра. Тоа е раст од 6,6% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во споредба со 2022 година, извозот бележи раст од над 18%.
Македонските вина се продавале во 35 земји во светот, но сепак најмногу се извезувале во земјите од регионот. Само на пет пазари бил остварен извоз над 1 милион евра.
Анализата на извозот на вино по пазари покажува дека традиционално Србија е најголем извозен пазар за македонските вина. Во првите четири месеци годинава во Србија биле продадени вина во вредност од 8,2 милиони евра.
Германија е втор најголем пазар со извезени вина во вредност од 2,8 милиони евра. На германскиот пазар главно се извезува наливно вино.
Во Хрватска во првите четири месеци биле извезени вина во вредност од 2,4 милиони евра. Четврт по големина извозен пазар во првите четири месеци годинава била Босна и Херцеговина со извоз вреден 1,77 милиони евра.
Следат Словенија со извоз од 715 илјади евра, Австрија со извоз од 652 илјади евра, Косово со извоз од 397 илјади евра, Црна Гора со извоз од 391 илјада евра, Полска со извоз од 373 илјади евра и Бугарија со извоз од 355 илјади евра.
Извозот на вино бележи постојан раст во последните 15 години. Во 2023 година биле извезени македонски вина во вредност од 57,7 милиони евра, што е зголемување од 50% во споредба со извозот на вино пред 15 години кој изнесувал 38 милиони евра.