Германскиот синџир на маркети Лидл ќе отвори неколку маркети во Скопје и уште во 7 други градови. Вредноста на инвестицијата е 300 милиони евра, се преговараат во моментот локациите, прво во Скопје. Важно е што обврска на инвеститорот е за откуп и продажба на домашни земјоделски и кондиторски и секаков вид на производи кои се компетитивни за сите маркети на „Лидл “ во Jугоисточна Европа.
Ова вчера го изјави премиерот Зоран Заев како најава на новиот инвестициски циклус вреден 8 милијарди евра.
На неодамнешната средба на менаџментот на Лидл со премиерот Заев која се одржа во април беше истакнато дека компанијата планира својата прва инвестиција во Македонија да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети.
На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ“, соопштија од Владата.
Брендот Лидл во Македонија всушност го носи филијалната на Лидл од Бугарија. Според податцоите од Централниот регистар, сопственик на компанијата на Лидл во земјава е германската матична компанија ВЕ-Интернационал Цвајте ГмбХ од Некарзулм, но субјектот специјализиран за трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ќе биде управуван од Софија, од бизнисмените Милена Емилова Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев.
Бугарските производители лани извезле производи за 24 милиони евра преку мрежата на Lidl
Лидл е присутен во Бугарија од 2010 година и продажбата на бугарски производи низ европските мрежи се зголемува секоја година. Во моментов „Лидл“ има 105 продавници во Бугарија на 49 локации и вработува 3.000 работници.
Нето-профитот на Лидл Бугарија во 2019 година изнесувал 41,25 милиони евра, а преку Лидл во 2020 година на странските пазари биле продадени бугарски производи вредни 24 милиони евра.
Колку за споредба во 2016 година преку Лидл Бугарија биле продадени бугарски производи во вредност од 6,5 милиони евра, а за последните пет години тој број е зголемен скоро за четири пати, на 24 милиони евра.
Меѓу најизвезуваните бугарски производи се различни видови на леб, сурови барови, масло, путер, теста, сушени плодови со чоколадна глазура и др.
Но, ефектот на Лидл Бугарија врз бугарските производители е многу поголем ако се знае дека вкупните продажби кои тие ги реализирале во бугарската и меѓународната мрежа на Лидл во 2020 година достигнуваат близу 200 милиони евра.
Според едно од последните истражувања на бугарскиот Институт за пазарна економија, вкупниот ефект на Лидл врз економијата на Бугарија во 2019 година се проценува на 1,12 милијарди евра. Во 2019 година Лидл Бугарија вработувал 2.700 лица чии плати биле за 52% повисоки од просекот во земјата.
„Лидл“ во соседна Србија е присутен од 2018 година и до сега има вкупно 41 објект. Во Хрватска работи од 2006 година.
Трговскиот синџир Лидл е најголем синџир на маркети во Европа, присутен во 32 земји со околу 11.000 продавници, а исто присутен е и во САД.
>> Бугарските производители извезле производи за 24 милиони евра преку мрежата на Lidl <<