Во текот на 2023 година македонските винарии извезле вино во вредност од 57,7 милиони евра, незначителен раст од 0,4% во споредба со изминатата 2022 година, но сепак највисок во последните 15 години.
Количински извозот на вино лани бил намален за 18%. Но, ако се анализираат податоците во последните 15 години, извезените количини на вино лани се најмали во последните 20 години.
Традиционално најголем пазар е Србија, каде лани се извезло вино во вредност од 23 милиони евра, што е раст од 14,7%. Втор најголем извозен пазар е Германија каде лани се извезло вино во вредност од 7,5 милиони евра, што е пад од 10,5%. Следат Хрватска и Босна и Херцеговина со извоз од 6,6 милиони евра, односно 5,2 милиони евра.
Ако се анализираат најголемите 20 извозни пазари, најголем раст на извозот на вино е остварен во Австрија, каде лани било извезено вино во вредност од 2,3 милиони евра, раст од 150% во однос на 2022 година. Најголем пад, пак на извозот на вино лани имало во Бугарија, каде лани било извезено вино во вредност од 1,4 милиони евра, што е пад од 50% во споредба со извозот од 2022 година.
Македонското вино лани се извезувало во 40 земји. Но, најголем дел од извозот или дури 98% се прави на 20 извозни пазари, додека на останатите се извезува многу помалку вино.
Највисока просечна извозна цена македонското вино лани постигнало во Данска, Швајцарија, САД, Косово и Холандија, додека најниска извозна цена во Австрија, Германија, Канада, Словенија и Полска.
Македонија е 22. најголем производител и 29. извозник на вино во светот, во регионот сме втори
Виното е еден од ретките извозни производи со кои Македонија како извозник котира повисоко на светските извозни ранг листи.
Во регионот, пак, Македонија е еден од лидерите и според вредноста на извезеното вино, но и според производството на вино. Според остварениот девизен прилив од извозот на вино, Македонија се рангира втора во регионот после Грција, која лани била 25-ти најголем извозник во светот со извоз на вино вреден 104 милиони долари.
И според производство на вино, Македонија е втора во регионот зад Грција, која лани произвела 2,1 милион хектолитри вино и е рангирана како 19-ти најголем производител на вино во светот.
Македонската винска индустрија е една од ретките нето извозни индустрии во земјава, бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни.
Според нето извозот кој Македонија го остварила во трговијата со вино со странство минатата 2022 година во висина од 58,9 милиони долари, земјата е на 13 место. Според овој показател Македонија е лидер во регионот. (Нето извозот ја претставува разликата помеѓу извозот и увозот на вино). Зад Македонија е Грција која лани имала нето извозен прилив од 31 милиони долари.