Закрепнувањето на странската побарувачка, посебно од Кина, им помогна на германските производители да се опорават од шокот кој го предизвика пандемијата на коронавирусот во јуни, веќе втор месец по ред, иако производството сепак е далеку под нивото од пред една година, објавува Ројтерс.
Индустриското производство во најголемата економија во Европа порасна за 8,9% на месечно ниво, делумно поттикнато со пораст на извозот од 14,9%, што е најголем месечен раст на извозот во речиси 30 години.
Германската автомобилска индустрија во јуни забележа пораст на производството од 54,7% во однос на претходниот месец, иако обемот сè уште е за 20% помал отколку во февруари, последниот месец пред да се случи пандемијата.
Истражувањето на институтот „Ифо“ го истакна чувството за оптимизам: производителите очекуваат подобрување во текот на следните три месеци.
Кина, првата земја која беше погодена од пандемијата, купи 15,4% повеќе од врвниот извозник на Европа отколку во јуни 2019 година.