Владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата, а заедничката соработка во однос на предлог мерките согласно светските искуства и преземената акција особено во делот на субвенционирање на платите резултираа со зачувување на работните места во микро, малите и средните претпријатија, беше истакнато на денешниот онлајн состанок помеѓу премиерот Зоран Заев и претставниците на Светската банка.
Од Светската банка потенцираат дека мерките донесени од Владата го олесниле влијанието врз сиромашните, што било отврдено со пониските стапки на раст на сиромаштијата од очекуваните.


Премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата за справување со предизвиците на краток како и обезбедување на услови за побрзо економско опоравување на среден и долг рок, притоа потенцирајќи на  важноста од соработка со Светска банка како стратешки партнер, кој обезбедува голема поддршка за државата.

На состанокот се истакна важноста домашните компании да ја подобрат конкурентноста и продуктивноста за постигнување посилен економски раст во иднина. Во таа насока, поддршката за компаниите треба да биде насочена кон дигитализацијата, технолошки развој, подобрување на капацитетите за управување, поддршка на диверзификација на извозот, како и спроведувањето на европскиот зелен договор. Дополнително, регионалниот развој е од голема важност за економски напредок, како и зајакнување на женското претприемништво.

Исто така, на состанокот се разговараше за важноста на одржливи инвестиции во образованието и човечкиот капитал, поттикнување на иновативноста за отворање на нови работни места и инвестиции. Конечно, на дискусијата се истакна дека за натамошен развој  и унапредување на деловниот амбиент од особена важност е привлекувањето и задржување на инвестиции со поголема додадена вредност, подобрување на пристапот до финансии, како и намалување на конкуренција од неформален сектор и сузбивање на корупцијата.