Потребен е поголем фокус врз трговската диверзификација и отвореност за да се создадат квалитетни работни места, да се намали сиромаштијата и да се подобри животниот стандард на луѓето, се вели во новиот извештај на Светска банка, Стратегија за трговската политика за Северна Македонија 2.0.
Во последните две децении, Северна Македонија направи голем исчекор во реформирањето на својата економија и во привлекувањето на странски директни инвестиции, што ѝ помогна да го достигне статусот на земја со среднно ниво на приходи.
Меѓутоа, денес, со динамичен пазар на труд во 21-от век, структурата на економијата и понатаму во голем дел е непроменета, а трговските политики заостануваат. Северна Македонија се соочува со континуирано високо ниво на невработеност, а околу 18% од населението и понатаму живее во сиромаштија.
Во Извештајот се вели дека недостатокот од трговска диверзификација и концентрацијата на извозот ја ограничуваат улогата на трговијата во економијата на Северна Македонија, чии стапки на раст се постојано под оние во ЕУ и во другите земји од Западен Балкан.
„Трговијата би можела да биде силен двигател на растот во Северна Македонија, со што ќе се трансформира економијата, ќе се отворат одржливи работни места и ќе се намали сиромаштијата,“ изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија. „Но, за тоа да се случи, на земјата ѝ се потребни поотворени и диверзифицирани трговски политики, вклучувајќи и поголем фокус врз трговијата со услуги за поголеми економски придобивки.“
Отвореноста на трговијата со услуги е послаба во споредба со трговијата со стоки, истакнувајќи го неискористениот потенцијал на трговијата со услуги, што ќе биде клучна за трансформирање на економијата во економија на земја со високи приходи.
Новата трговска стратегија би ѝ овозможила на Северна Македонија да ја прошири својата економска диверзификација преку земјоделството, агробизнисот, услугите и покомплексен процес на производство, што во крајна линија ќе води кон отворање на повеќе и подобро платени работни места, раст и опстанок на бизнисите и намалување на сиромаштијата.
Во извештајот се вели дека реформите на трговските политики треба да бидат воведени како дел од една поширока стратегија за подобрување на деловната клима, привлекување инвестиции и зголемување на продуктивноста во економијата. Способноста на земјата да постигне поголема економска диверзификација ќе зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ги политиките за конкурентност, инвестициските политики, политиките за иновации и образовните политики.