ТРАЈКО СЛАВЕСКИ, гувернер на НАРОДНА БАНКА на Р.С.Македонија
Високата глобална променливост и непредвидливост веќе половина деценија се неизбежен дел во матрицата на одлучување на сите носители на одлуки. Се чини дека единствена константа во овој период е неизвесноста. Ова е видливо и преку квантитативните индекси, на пример светскиот индекс на неизвесност, којшто се одржува на историски највисоки нивоа.
Секако, ова не е релевантно само за нас како носители на макроекономски одлуки, туку и за приватниот сектор, кој треба да носи инвестициски одлуки, да одлучува за нови проекти, да дефинира среднорочни бизнис- планови.
Само за илустрација, во најновата анкета на ЕИБ за инвестициите на приватниот сектор за 2025 година, 83% од анкетираните компании во ЕУ ја посочуваат неизвесноста како клучен ограничувачки фактор за поголеми инвестиции.
Ваквите глобални услови се одраз не само на продолжените ефекти од досегашните кризни настани, почнувајќи од пандемијата, преку енергетската криза и инфлациската епизода туку и на нови фактори на ризик коишто се појавија на глобалната мапа. Продлабочувањето на геоекономската фрагментација, како и долготрајните конфликти во Украина и на Блискиот Исток, секако останаа клучни фактори на нестабилност.
Но, исто така, 2025 година беше обележана со значаен шок во меѓународната трговија, т.н. Денот на ослободување, кога претседателот на САД, Доналд Трамп, на почетокот на април најави воведување реципрочни царини за економиите со кои САД бележи трговски дефицит во меѓународната размена. Првичната најава за зголемување на ефективната царинска стапка на увезените производи во американската економија, од 2,3% на повеќе од 25% на крајот од 2024 година, предизвика еден од најголемите скокови на индексите на неизвесност, реакција споредлива со онаа за време на глобалната финансиска криза во 2008 година.

Драстичното зголемување на царините на една од водечките светски економии значеше сериозна промена во дотогашната парадигма дека слободната трговија и зголемениот степен на интеграција носат најголеми придобивки за економскиот раст.
Оттука, промените коишто настанаа во 2025 година ги поставија глобалниот економски систем и правилата на негово функционирање пред значаен предизвик. Ваквите промени се особено значајни за малите и отворените економии, како нашата, имајќи го предвид моделот на раст заснован врз извоз и интеграција во глобалните синџири на снабдување.
Првично најавените царини од страна на САД беа највисоки во последните сто години, надминувајќи го и нивото на тарифите од времето на големата депресија и опфатија широк спектар производи од повеќето земји, со цел намалување на трговскиот дефицит и заштита на американската економија. Најавата предизвика серија реакции во светски рамки, поттикнувајќи билатерални трговски преговори помеѓу водечките економии и САД.
Контрамерките од најзначајните трговски партнери на САД останаа ограничени, што помогна да се намалат ризиците од дополнителни трговски тензии и зголемување на протекционистичките мерки на глобално ниво.
Како резултат на преговорите, ефективните царински стапки беа значително намалени од оние коишто беа најавени на почетокот и во моментов се движат помеѓу 10% и 20% за најголем дел од економиите.
Сепак, неизвесноста во меѓународната трговија и натаму останува повисока од вообичаеното, во отсуство на долгорочни и транспарентни договори помеѓу големите светски економии и САД. Новововедените царини и понатаму остануваат најголемиот глобален ризик, со можни негативни ефекти врз глобалните цени, инвестициите и потрошувачката.
Македонската економија не беше исклучок. Иницијално најавената царинска тарифа во април беше утврдена на 33%, за потоа да биде намалена на 15%, стапка што во моментот се применува на поголемиот дел од производите. Иако македонската економија не беше заобиколена од американските царини и истите претставуваат потенцијална ранливост за дел од извозните сектори, директната изложеност на извозниот сектор кон економијата на САД со просечно учество во вкупниот извоз од 0,9% во изминатите пет години (1,4% во 2024 година), укажува на мало директно влијание од воведувањето на царините за македонските извозници.
Ранливоста е поголема за секторите чиј извоз е со значајно повисоки тарифи, класифицирани во специфични групи производи, како алуминиум (50%), бакар (50%), автомобили и делови за автомобили произведени надвор од САД (25%). Од аспект на структурата на домашниот извоз кон САД, преовладуваат производите како тутун и производи од тутун, железо и челик, производи од овошје и зеленчук, а во изминатите години се забележува зголемување и на извозот на производи со поголем степен на преработка, главно поврзани со автомобилската индустрија.
Ваквата структура упатува на поголема директна ранливост на извозот кон САД единствено во делот на автомобилската индустрија поради повисоката ефективна царинска тарифа за овие производи и покрај релативно ниското учество на извозот кон овој трговски партнер во однос на вкупниот извоз на овој сектор кон остатокот од светот.
Сепак, и покрај ниските ризици коишто произлегуваат од директната трговска изложеност кон САД, позначајни ефекти можат да се појават индиректно, преку влијанието на царините на САД врз економијата на нашиот најзначаен партнер, Европската Унија.
Имено, променетите глобални услови претставуваат особен предизвик за целиот регион на Европа, кој во 2025 година влезе со поизразена неурамнотеженост, како резултат на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и принудната диверзификација на економиите од руските енергенти. Со просечна царинска тарифа на извозот кон САД од 15% споредено со 3,4% во 2024 година, како и високо учество на извозот кон САД во вкупниот извоз на ЕУ од 20%, ризиците за растот на европската економија на среден рок се поизразени.
Особено е изразена сензитивноста на европската автомобилска индустрија, која се соочува со повисока царинска стапка за пристап до американскиот пазар, при истовремено намалена глобална конкурентност и сѐ поголема доминација на кинеската автомобилска индустрија, особено кај производството на електрични возила.
Сепак, и покрај ваквиот глобален контекст и загриженоста која преовладуваше во почетокот на годината за тоа какви и колкави би можеле да бидат последиците од новите трговски политики, светската економија досега се покажа отпорна на споменатите шокови. Имено, погледнато од тековна перспектива, ризиците не се остварија во обемот и интензитет што се очекуваше првично, при поголема приспособливост на трговските текови, што во комбинација со други фактори придонесе за малку поповолни очекувања за глобалниот раст за оваа година и стабилни очекувања на среден рок[1].
Овие согледувања се земени предвид и при нашите последни проекции, што значи поволни придвижувања и кај странската побарувачка за македонски производи, чиешто закрепнување се очекува да продолжи и умерено да забрза во текот на 2026 година.
За ова, значаен придонес ќе има германската економија, како наш најзначаен трговски партнер, која по стагнацијата оваа година, од следната година ќе забележи умерен економски раст од околу 1%.
Во согласност со глобалните трендови, отпорност покажа и македонската економија, која годинава се очекува да ја заврши со раст од околу 3,5%, а во следната година да забрза на 4%. Главниот двигател на растот ќе биде домашната побарувачка, пред сѐ инвестициите, но се очекува солиден позитивен ефект и од извозот.
Постепеното закрепнување на надворешната побарувачка, како и поволните услови на размена – главно растот на цените на металите – ќе бидат клучни фактори за раст на извозната активност. Растот ќе се оствари во отсуство на позначајни ценовни притисоци. Намалувањето на светските цени на примарните производи – пред сѐ на цените на прехранбените производи и цената на нафтата, и пониската увезена инфлација поволно ќе влијаат на домашните цени.
Во услови на пониски увозни цени, но и закотвени инфлациски очекувања и ограничени притисоци преку каналот на домашната побарувачка, домашната инфлација во следната година ќе се намали и ќе се сведе на 2,5%, со што постепено ќе се доближува до историскиот просек од 2%.
Се оценува дека екстерната позиција на домашната економија е поволна. Така, по проширувањето на дефицитот на тековната сметка оваа година, од следната година се очекува негово постепено стеснување. Подобрувањето ќе произлезе од намалениот дефицит во размената на стоки со странство, одразувајќи ја релативната отпорност на извозниот сектор, при постимулативно надворешно окружување и намалени притисоци од увозните цени на енергентите.
Екстерната позиција дополнително ќе биде поддржана и од солидните нето-приливи од странските директни инвестиции, што меѓудругото, ќе придонесе за поволни финансиски текови во платниот биланс и раст на девизните резерви.
Секако, неизвесните геополитички услови и сѐ уште непредвидливите трговски политики, остануваат потенцијален фактор на ризик за севкупната макроекономска слика, а особено предизвиците со кои се соочува Европската Унија, кои индиректно се пренесуваат и како идни предизвици и за домашната економија. Имено, земјите на ЕУ, со просечно учество од 77,7% во вкупниот извоз во изминатите пет години, се најзначајните извозни партнери на македонската економија, со најголем придонес на извозот кон Германија. Високата интегрираност кон синџирите на снабдување на европската автомобилска индустрија, донесе значителни придобивки за домашната економија во изминатата деценија и помогна полесно да се справува со екстерните шокови. Сепак, со оглед на зголемени притисоци врз економијата на ЕУ – делумно поради царините воведени од САД на европскиот извоз, како и поради структурни предизвици, како намалена конкурентност на европските извозници на глобалните пазари ̶ високата трговска интегрираност кон ЕУ отвара потенцијални ризици и за македонскиот извоз.
За нас, како мала и отворена економија, глобалните услови се од исклучително значење, но здравите економски основи претставуваат клучен предуслов за успешно справување со непредвидливите екстерни шокови. Низ овој турбулентен период исполнет со постојани предизвици, Народната банка останува цврсто посветена на остварување на своите цели – одржување на ценовната стабилност на среден рок и задржување на стабилноста на финансискиот систем.
[1] Извор: Светски економски преглед на ММФ, октомври 2025 година.
Колумната е објавена во најновото издание на специјалната едиција “ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ”
ПОВРЗАНИ НАПИСИ
Гувернерот Славески на конференција во Тирана: Водиме претпазлива монетарна политика
Славески : СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава











