Во првата половина од годинава, македонските винарници на странските пазари продале 22,6 милиони литри вино во вредност од 33 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Анализата на податоците од страна на специјализираниот портал „ИзвозМК“ покажува дека, во споредба со истиот период минатата година, приходите од извоз на македонско вино пораснале за 11,4%, додека количината на извезено вино е зголемена за 9,5%.

На кои пазари најдобро се продаваат македонските вина?

Македонското вино во првите шест месеци од годинава се извезувало на 31 пазар во светот, покажува анализата на „ИзвозМК“.

Најголем извозен пазар традиционално е Србија, каде што во првата половина од годинава било извезено вино во вредност од близу 15 милиони евра. На српскиот пазар отпаѓаат околу 45% од вкупната вредност на извозот на вино од земјава.

Втор најголем извозен пазар е Хрватска, со извоз вреден 5 милиони евра. Следуваат Босна и Херцеговина со 3,5 милиони евра, Германија со 2,7 милиони евра и Словенија со извоз на вино во вредност од 1,1 милион евра.

Само на седум странски пазари вредноста на извозот на македонско вино надминала еден милион евра во првите шест месеци од годинава.

Најголем извозник на вино од Македонија е винарската визба „Тиквеш“, која, според полугодишниот неконсолидиран извештај на компанијата, во првата половина од годинава остварила извоз во вредност од 18 милиони евра. Тоа претставува раст од 16% во споредба со истиот период од 2025 година.

Со извоз на вино во вредност од 63,3 милиони евра, Македонија е 29 ти најголем извозник на вино во светот, а втор најголем извозник во регионот, зад Грција која лани имала извоз на вино од над 100 милиони евра.

Главни предизвици

Македонија има долга традиција во производството на вино, поволни климатски услови и локални сорти кои можат да бидат основа за поголема препознатливост на странските пазари. Но, главниот предизвик за секторот останува како растот на производството и извозот да се претвори во повисока додадена вредност за домашните компании и лозарството. Конкуренцијата на светскиот пазар е силна, а македонските производители се натпреваруваат со вина од земји со значително поголеми производствени капацитети, развиени брендови и високи буџети за меѓународен маркетинг.

Затоа, идниот раст на извозот во голема мера ќе зависи од способноста на винарниците да инвестираат во квалитет, брендирање, дистрибутивни канали и долгорочна промоција на странските пазари.
Дополнителен предизвик се климатските промени, растот на производствените трошоци и обезбедувањето стабилна и квалитетна суровинска база од домашното лозарство.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Електронски ќе се издаваат сертификати за квалитет за прехранбени производи и за извоз на вино

Глобалната потрошувачка на вино падна на најниско ниво во последните 70 години

Министерот Муцунски од Париз: Активна поддршка за извозот на македонското вино на европските и светските пазари

Потрошувачката на вино во ЕУ ќе продолжи да се намалува