(Инфографик) Ван Хоoл продава во странство над 180 милиони евра автобуси произведени во Скопје

Фабриката на белгискиот производител на автобуси Ван Хоол во Македонија 2018 година ја заврши со вкупни приходи од 179 милиони евра,  што е раст од 32% во споредба со претходната година. Профитот на Ван Хоол лани изнесувал 12,3 милиони евра и е зголемен за 33% за една година. Со тоа, Ван Хоол според приходите кои ги остварува стана осма најголема компанија во земјава и 14 компанија според профитот.
Имајќи предвид  дека целото производство на Ван Хоол се продава на странски пазари, според ланските приходи од близу 180 милиони евра Ван Хоол, според кои би бил трет најголем извозник во Македонија, после Џонсон Мети и Кромберг и Шуберт.

Во двете фабрики на Ван Хоол во Македонија на крајот на 2018 година работеле 1.030 луѓе, а годишно во овие фабрики се произведуваат 725 автобуси, што е двојно повеќе отколку што произведува фабриката на Ван Хоол во Белгија.

Белгискиот Ван Хоол , кој е меѓу најголемите производители на автобуси во Европа, ја отвори својата прва фабрика во Македонија во 2014 година во зоната Тирз 1 во Бунарџик на површина од 39.000 метри квадратни во која беа инвестирани 25 милиони евра. Од нив, кои како што соопшти сопственикот на белгискиот Ван Хоол, околу 17 милиони евра беа обезбедени како државна помош од македонскиот буџет.
Ова беше прва инвестиција на Ван Хоол надвор од Белгија.

Во 2016 година Ван Хоол ја отвори втората фабрика во Македонија лоцирана во зоната ТИРЗ 2 во Бунарџик, во која инвестираше дополнителни 15 милиони евра и вработи 400 лица, со што вкупниот број на вработени во Македонија надмина 1.200. Со втората фабрика двојно се зголеми производниот капацитет за производство и извоз на автобуси од Македонија.