Минатата 2023 година била лоша за извозот на овошје од Македонија, со оглед дека податоците од Државниот завод за статистика покажуваат голем пад од речиси една третина кај извезените количини и помал пад кај вредноста на извозот на овошје од 11,5%.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатата 2023 година од Македонија било извезено овошје во вредност од 44,7 милиони евра, што е за 11,5% помалку во споредба со претходната 2022 година кога бил остварен извоз на овошје од 50,5 милиони евра.
На странските пазари во текот на 2023 година биле извезени 106,6 милиони килограми овошје, што е за 26% помалку во споредба со 2022 година кога биле извезени 144 милиони килограми овошје произведено во Македонија.
Ако се анализираат остварените резултати во изминатите 10 години, најголем приход од извозот од 58,9 милиони евра бил остварен во 2020 година, додека најголеми количини од дури 176 илјади тони биле извезени во странство во 2015 година.
Кои овошја најмногу се извезуваат во странство?
Традиционално најизвезувано овошје од Македонија се јаболката. Лани од извозот на јаболка е остварен извозен прилив од само 14 милиони евра, што е за 8,2% помалку во споредба со претходната 2022 година. Но, извезените количини се намалиле за 27% и во странство биле продадени 65 милиони килограми јаболка.
Свежото грозје е второ најизвезувано овошје, од чиј извоз лани е остварен извозен приход од 12,9 милиони евра, кој е поголем за 21% во споредба со 2022 година. Лани биле продадени 18,4 илјади тони грозје, и количински извозот е намален за 10%.
Следат праските чиј извоз лани изнесувал само 2,98 милиони евра и бележи пад за 16,2%. Во 2023 година биле извезени 4 илјади тони праски, што е намалување од 9,2% во споредба со претходната 2022 година.
Следи извозот на сливи со извоен приход од 2,7 милиони евра, што е зголемување од 41,5% во споредба со 2022 година. Но, количински извозот на сливи лани бил намален за 28% и изнесувал 4,3 илјади тони.
Од извоз на лубеници лани бил остварен извозен приход од 1,7 милиони евра и тој бележи голем пад од 35,7% во споредба со 2022 година. Голем пад од дури 49% има и кај извезените количини лубеници кои лани изнесувал 5,8 милиони тони.
Следно јаизвезувано овошје се јапонските јаболка или персимонот со извоз вреден 1,47 милиони евра, кај кои исто така има голем пад од 34% кај приходите и 21% кај извезните количини кои лани изнесувале две илјади тони.
Следи извозот на кајсии во вредност од 1,46 милиони евра (-15,2%), извозот на костени во вредност од 737 илјади евра (+26%). Голем пад од дури 79% лани имало кај извозот на цреши. Лани биле извезени само 450 тони цреши во вредност од околу 700 илјади евра.
Извозот на замрзнато овошје исто така бележи пад. Лани биле извезени 2,6 илјади тони замрзнато овошје во вредност од 3,4 милиони евра, што е намалување вредносно од 43%, а количински за 36%.
Во текот на 2023 година во земјава биле увезени 64 илјади тони овошје во вредност од близу 50 милиони евра. Вредноста на увозот на овошје лани бележи пад од 5,4%, додека увезените количини биле помали за 8,1%.
На кои пазари најдобро се продава македонското овошје?
Во 2023 година македонското овошје се продавало на 40 странски пазари, но речиси 90% од целиот извоз бил на 15-те најголеми извозни пазари.
Ако се анализира извозот на овошје од Македонија по пазари, лани најголем пазар била Србија, каде е остварен најголем приход од 11,4 милиони евра (-3,4%) и продадени најголеми количини 25,2 илјади тони.
Русија ја нема годинава на листата на извозни пазари, за разлика од 2022 гоина кога Русија била најголем извозен пазар со извоз на овошје вредно 12,5 милиони евра.
Очигледно губењето на големиот руски пазар тешко се надоместува. Иако лани имало зголемен извоз на 12 од 15-те најголеми пазари, извезените количини и остварениот извозен приход во 2023 година биле помали од оние во 2022 година.
Втор најголем извозен пазар лани бил Косово, каде минатата 2023 година бил реализиран извоз на овошје во вредност од 5,8 милиони евра, односно 13,2 илјади тони. Тоа е вредносно раст на извозот од 144%.
Трет најголем извозен пазар лани е Бугарија каде лани биле извезени 24,8 илјади тони овошје во вредност од 4,5 милиони евра (+21,7%).
Четврт најголем пазар била Босна и Херцеговина со извезени 8,8 илјади тони овопје во вредност од 2,8 милиони евра. Следат Грција со извоз вреден 2 милиони евра (+118,8%), Црна Гора со извоз од 1,8 милиони евра (+27,7%), Белорусија со извоз од 1,7 милиони евра (+53%), Хрватска со извоз од 1,4 милиони евра (+17%), Германија со извоз од 1,33 милиони евра (+9,6%) и Латвија со извоз вреден 1,3 милиони евра (-23,2%).