Македонските компании добитници од косовските царини: Извозот лани зголемен за 32%

0
172

Во текот на изминатата 2019 година македонските компании во Косово извезле стоки во вредност од 298 милиони евра, што е зголемување за 31,6% во споредба со претходната 2018 година. Ова е највисок раст на македонскиот извоз на косовскиот пазар во изминатите пет години.
Во најголем дел е резултат на зголемената побарувачка за македонските производи по воведувањето на царините од 100% за увоз на српски и босански производи.
Освен Македонија, голем раст на извозот во изминатиов период бележи и Албанија, Словенија и Хрватска, додека компаниите од Србија и БиХ трпат милионски загуби со затворањето на овој пазар.

Косово е една од ретките земји со кои имаме суфицит во трговската размена, односно кај кои повеќе извезуваме, отколку што увезуваме. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека трговскиот вишок во размената со Косово лани изнесувал над 267 милиони евра, со оглед на фактот што од Косово сме увезле производи во вредност од само 29,7 милиони евра.

Минатата година во Косово најмногу сме извезувале нафтени деривати во вредност од околу 65 милиони евра, кои на овој пазар ги продава рафинеријата Окта. Извозот на нафтени деривати на косовскиот пазар лани е зголемен за 31%.

Косово е најголем пазар за македонските прехранбени производи. Податоците покажуваат дека само минатата година на косовскиот пазар сме извезле храна во вредност од 53 милиони евра и само минатата година е зголемен за 34,4%. Најголем дел од овој извоз отпаѓа на извоз на кондиторски производи кој лани изнесувал околу 14 милиони евра, потоа се извезува масло за јадење во вредност од околу 7 милиони евра (во 2018 година биле извезени 1,8 милиони евра масло за јадење), потоа млеко и млечни производи во вредност од околу 6,5 милиони евра (бележи раст од околу 50%), свежо овошје и зеленчук во вредност од околу 6 милиони евра, преработки од овошје и зеленчук…

Голем извоз на Косово имаат и компаните од металопреработувачката индустрија. Според статистичките податоци лани во Косово сме извезле железо и челик во вредност од 30,4 милиони евра, а извозот на производи од железо и челик изнесувал околу 11 милиони евра.

Лани македонските компании продале на косовскиот пазар и пластични маси и производи од пластилчни маси во вредност од околу 31 милиони евра, при што извозот за една година бележи раст од 34%.

Голем извозен приход од 17,5 милиони евра лани е остварен од продажба на цемент на косовскиот пазар, додека околу 17 милиони евра изнесувал извозот на машини и транспортни уреди.

Од извоз на пијалоци и тутун минатата година во Косово сме заработиле девизен приход од близу 18 милиони евра и речиси трикратно зголемен минатата година, а извозот на лекови изнесувал околу 8 милиони евра.

Автопатското поврзување со Косово ќе го чекаме до 2023 година

 

Иако Косово е еден од најзначајните пазари на кои продаваат македонските компании автопатското поврзување со оваа земја чека веќе со децении. Иако неодамна стартуваше изградбата на македонскиот дел од автопатското поврзување кон Косово, целата делница ќе биде готова дури до 2023 година. Со ова автопатско поврзување, од Скопје до Приштина би се стигало за само 45 минути.

Инфраструктурното поврзување со земјите од регионот, според стопанствениците, треба да биде врвен приоритет за Македонија.
Со реализација на оваа делница Косово ќе биде трет сосед на Македонија со кој земјата ќе има директна конекција преку автопат. Засега, тоа е случај само со Грција и Србија. Допрва треба да се реализираат и најавите за автопатско поврзување со Албанија и Бугарија.