Почна четвртото виртуелно издание на Macedonian Manufacturing Expo 2020

” Како Асоцијација шест години вложуваме во промоција на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија. Наша мисија е да ги поврземе домашните производители од оваа индустрија со странски компании купувачи, да им го олесниме излезот на светските пазари”, посочи Гоце Пешев, извршен директор на Македонската асоцијација на метална и електро индустрија МАМЕИ во своето обраќање на отворањето на тридневниот онлајн бизнис настан – Macedonian Manufacturing Expo 2020.

Оваа година, додаде, поради Ковид-19 пандемијата, првпат настанот нема да се одржи физички, туку на виртуелна бизнис платформа, каде ќе се одржат видео бизнис средби меѓу компаниите, ќе може да се посети виртуелниот саем со штандови на компании од повеќе земји и ќе може да се проследи конференцискиот дел од настанот.

– Годинава ќе имаме голем број на компании од повеќе од 10 земји, рече Пешев.

Во рамки на конференцискиот дел од настанот, како што кажа, ќе се одржат онлајн панели на теми поврзани со реструктурирање на бизнисот во време на криза, оптимизирање на финансиските текови, градење на нови извозни стратегии, дуално стручно образование, а на нив ќе настапат претставници на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), БМЕ- Германија, Развојната банка на Северна Македонија, како и претставници на приватниот сектор во земјата.

Американската амбасадорка во Кејт Мари Брнз истакна дека САД веќе 10 години ја поддржуваат лесно преработувачката индустрија во земјава.

– УСАИД го помага одржувањето на Експото уште од првото издание на овој настан во 2016 година и горди сме кога гледаме како прераснува во една од најголемите можности за развојот на долгорочни партнерства помеѓу домашни и странски компании. Во неизвесни времиња како овие, и за време на бројни ограничувања поради Ковид-19 пандемијата, вообичаените начини на кои бизнисите се вмрежуваат се оневозможени. Сепак, вие успеавте да изнајдете нови начини на поврзување, рече Брнз. Ова виртуелно Експо, потенцира, ќе им помогне на македонските компании да ги прошират нивните мрежи, да запознаат нови купувачи и да го зголемат извозот – што е особено важно за време на оваа пандемија.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп посочи дека Холандија е традиционален партнер на овој бизнис настан кој, како што рече, ги обединува компаниите од металната и машинска индустрија не само од регионот, туку и од цела Европа.

– Годинашното онлајн издание е сведоштво за посветеноста на сите нас да одиме напред и да ги одржуваме нашите компании, бизниси и економии и покрај предизвиците на кризата предизвикана одпандемијата со Ковид-19, рече Коп.
Во Холандија, како што посочи, 80.000 луѓе се вработени во металната индустрија, со комбиниран годишен обрт од околу 22 милијарди евра.

– Повеќе од половина од овие компании се извозно ориентирани и според мене постои голем потенцијал за раст и соработка во трговијата и инвестициите во овој сектор меѓу нашите две земји, рече амбасадорот Коп. На тридневниот онлајн бизнис настан – Macedonian Manufacturing Expo 2020 ќе се сретнат повеќе од 50 македонски и компании од регионот, 25 странски компании купувачи и 15 странски директни инвеститори во земјава.
Според организаторот, потврдени се повеќе од 200 директни видео бизнис состаноци меѓу компаниите од Северна Македонија, Германија, Холандија, Белгија, Јапонија, Италија, Србија, Албанија и Косово.
Четвртата меѓународна конференција Macedonian Manufacturing Expo 2020- The Virtual Edition ја организираат Македонската асоцијација на метална и електро индустрија МАМЕИ и Делегацијата на германското стопанство во земјава, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Амбасадата на Кралство Холандија,  како и Германското здружение за менаџирање, набавка и логистика на ланци на добавувачи (БME).

(МИА)