Франција и Холандија ги здружија силите во повикот кон Европската унија посилно да се спроведуваат еколошките и работните стандарди во земјите со кои имаат трговска размена и потпишуваат трговски договори, пишува Ројтерс повикувајќи се на конкретен документ.
Иницијативата доаѓа откако ЕУ се обидува да преговара нов трговски договор со Велика Британија, којa официјално ja напушти Европската унија на 31 јануари, во услови на загриженост дека Британија може да се обиде да ги намали и заобиколи стандардите на трудот и животната средина кои важат во ЕУ со цел да ја зајакне сопствената конкурентност.
Вклучувањето на Холандија, која традиционално важи за силен поддржувач на слободната трговија, ја означува промената во европското размислување за потребата од заштита на домашната индустрија и работните места, во услови кога пандемијата на коронавирус ја нарушува глобалната економија. Трговскиот конфликт помеѓу Кина и САД, исто така, помогна да се преобликуваат европските ставови кон слободната трговија.
Во заедничкиот предлог кој е испратен до другите 25 земји членки на ЕУ се бара од Европската комисија да ги зголеми царините на оние трговски партнери кои не ги исполнуваат своите обврски во врска со стандардите и своите обврски за одржлив развој.
„Инструментите за трговска политика можат да обезбедат дополнителна моќ за примената на меѓународните стандарди за животна средина и труд“, се вели во документот.
ЕУ треба да го поврзе намалувањето на царините со ефективното спроведување на одредбите за трговија и одржлив развој и да биде подготвена да преземе активности кога ќе се прекршат тие одредби, се вели во документот.
Франција и Холандија сакаат овој предлог за повисоки царини за оние кои нема да ги почитуваат стандардите да се применува и за трговски договори кои се во преговори, но и за постојните и веќе склучените трговски договори.
Тие исто така во предлог документот ја повикуваат Комисијата редовно да ги известува земјите-членки за влијанието што трговските зделки имаат врз европските работни места и домашните индустрии.
Во документот, исто така, се посочува дека Парискиот договор за климатските промени мора да биде предуслов за кој било трговски договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна одлучи да ја повлече САД од климатскиот пакт.
Франција веќе подолго време фаворизира попротекционистички став за трговијата.
Францускиот претседател Емануел макрон, уште на неговиот прв самит на ЕУ во 2017 година, изјави дека дека привлекувањето странски инвестиции не треба да значи изложување на Европа на „нарушувањата во глобализацијата“ и ја предупреди ЕУ да не биде премногу „наивна“ во глобалната трговија.