Wood & Company, реномираната инвестициска банка во својата најнова анализа за македонската фармацевтска компанија Алкалоид ги потврдува и анализира досегашните успешни резултати на компанијата.
Аналитичарите на Wood & Company потенцираат дека Алкалоид во првите девет месеци успеал да реализира околу 80% од планираните приходи и добивката за цела 2022 година.
Во анализата се посочува дека Алкалоид имал силен трет квартал годинава со раст на приходите и заработките, благодарение на силниот раст на продажбите во земјите од Источна Европа и ЗНД регионот (Заедница на независни држави), како и продажбите во Западна Европа.
“Алкалоид забележа нето добивка во третиот квартал од 491 милиони денари (+21%), приходи од 3.857 милиони денари (+21%) и EBITDA од 789 милиони денари (+20%) во споредба со истиот период лани”, се вели во анализата на инвестициската банка Wood & Company, која е специјализирана за акционерски друштва чии акции котираат на берзите на растечките пазари во Југоисточна и Источна Европа.
Продажбите на Алкалоид во Западна Европа, кои учествуваат со 19% од вкупните продажби на компанијата, бележат раст од 24% на годишно ниво. Продажбите на домашниот пазар и на пазарите во Југоисточна Европа во третиот квартал од 2022 година бележат раст за 3% и 7%, соодветно.
Во анализата се посочува дека бруто маржата на Алкалоид за третиот квартал изнесувала 48,2%, зголемување од околу 4% на годишно ниво, додека бруто добивката пораснала за 33% на годишно ниво.
Според аналитичарите на Wood & Company ова првенствено се должи на продажниот микс на Алкалоид, пред се во антибиотското фармацевтско портфолио.
Во анализата се истакнува дека трошоците за маркетинг на Алкалоид во третиот квартал бележат зголемување од речиси 70%, што јасно упатува дека инвестира во поинтензивни промотивни активности, особено на нејзините понови пазари, како Романија.
Нето ефектот од останатите трошоци и приходи придонеле со 124 милиони денари во заработката во овој квартал (наспроти 45 милиони денари расходен ефект во третиот квартал од 2021 година), на што свое влијание има и ефектот од курсните разлики.
Во анализата се заклучува дека по силните резултати во трите квартали Алкалоид е на добар пат целосно да ги исполни плановите и целите на менаџментот поставени за 2022 година.
“Компанијата успеа да генерира околу 80% од планираните приходи за цела 2022 година во првите девет месеци од 2022 година, додека остварувањето кај ЕБИТДА и нето добивката се околу 80% и околу 77%, соодветно”, се вели во анализата.
Во однос на акциите на Алкалоид, во анализата се посочува дека тие остануваат поскапи во споредба со конкурентите од пазарите во развој и развиените пазари, тргувајќи се по цена 9 x коефициентот вредност на компанија/EBITDA според овогодинешните прогнози, паѓајќи на 7,8x според проценките за 2024 година, и на околу 14-15x коефициентот цена/добивка по акција.
Аналитичарите ја потенцираат препраката за чување (HOLD) на акцијата на Алкалоид.