Индустријата за производство на преработки од овошје и зеленчук, една од најуспешните извозно ориентирани гранки во македонската прехранбена индустрија, продолжува да бележи стабилен раст на производството, извозот и продажбата на странските пазари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година од Македонија биле извезени преработки од овошје и зеленчук во вредност од 102,1 милиони евра, што претставува раст од 3,1 проценти во споредба со 2024 година.
Истовремено, извезените количини достигнале околу 43,5 илјади тони, што е зголемување од 1,2%на годишно ниво. Со тоа, домашната индустрија за преработка на овошје и зеленчук продолжува со трендот на континуиран раст што трае повеќе од една деценија.
Минатогодишниот резултат претставува највисоко остварен извоз во последните десет години според вредноста на продажбите на странските пазари. За споредба, извозот во 2025 година е повеќе од двојно поголем, односно за 117% повисок во однос на 2016 година, кога бил реализиран извоз од околу 47 милиони евра.
Дополнителна вредност за македонската економија е тоа што оваа индустрија има изразен нето-извозен карактер. Компаниите од секторот извезуваат значително повеќе отколку што увезуваат, пред сè поради користењето домашни суровини и земјоделско производство. Само во 2025 година индустријата остварила нето девизен прилив од околу 40 милиони евра.
Во групата производи спаѓаат ајвар, конзервиран зеленчук и овошје, компоти, џемови, мармалади, сокови и други производи од тарифните групи 2001–2009. Податоците покажуваат дека дури две третини од вкупниот извоз отпаѓаат на македонскиот ајвар, кој и натаму останува еден од најпрепознатливите домашни брендови на странските пазари.
Топ 20 извозни пазари за македонските преработки на зеленчук и овошје
Македонските преработки од овошје и зеленчук во 2025 година се извезувале во 59 земји ширум светот. Во 17 држави бил остварен извоз поголем од еден милион евра, а само во Србија и Хрватска извозот надминал 10 милиони евра.

Најголем извозен пазар и натаму е Србија, каде минатата година бил реализиран извоз во вредност од 24,2 милиони евра. Втор најголем пазар е Хрватска со извоз од 16,4 милиони евра.
Следуваат:
- Босна и Херцеговина – 7,4 милиони евра
- Косово – 5,8 милиони евра
- Германија – 5,2 милиони евра
- Словенија – 4,53 милиони евра
- Црна Гора – 4,5 милиони евра
- Австралија – 3,9 милиони евра
Дел од најзначајните пазари се и земји со бројна македонска дијаспора, која има важна улога во промоцијата и пласманот на традиционалните македонски производи.
Во последната едиција „ТОП 100 Извозници 2025“ се рангирани четири компании од индустријата за преработка на овошје и зеленчук — Дием ГП, Тргопродукт, Випро и Дим Комерц, што дополнително ја потврдува важноста на секторот за македонскиот извоз и прехранбена индустрија.
Голем потенцијал за понатамошен раст
Аналитичарите оценуваат дека индустријата за преработка на овошје и зеленчук има значителен потенцијал за понатамошен раст, особено во сегментите на производи со додадена вредност, органско производство и развој на премиум-прехранбени брендови. Растечката побарувачка за медитеранска, традиционална и природна храна на европските пазари отвора нови можности за македонските производители, кои веќе имаат препознатливост во регионот со производи како ајварот, конзервираниот зеленчук и овошните преработки.
Дополнителна шанса за секторот претставуваат инвестициите во модерни производствени линии, дигитална следливост, сертификација и автоматизација, што овозможува полесен пристап до големите европски малопродажни синџири.
Предност на македонските компании е достапноста на квалитетни домашни суровини, конкурентните производствени трошоци и долгогодишната традиција во преработката на овошје и зеленчук. Дополнително, географската близина до европските пазари овозможува побрза испорака и пониски транспортни трошоци, што е особено важно за прехранбената индустрија.
Потенцијал за раст постои и во развојот на приватни трговски марки за странски синџири, како и во проширувањето на извозот кон пазари надвор од регионот, пред сè во Западна Европа, Блискиот Исток и преку дијаспората во Австралија и Северна Америка. Компаниите од секторот сè повеќе инвестираат и во нови производни категории, функционална храна и производи со повисока додадена вредност.
Сепак, за понатамошен развој ќе бидат потребни поголеми инвестиции во брендирање, маркетинг, модернизација на производството и обезбедување стабилна домашна суровинска база.
Предизвик за индустријата остануваат и недостигот на работна сила, климатските промени и потребата од поголема продуктивност во примарното земјоделско производство.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Топ 30 извозни пазари за македонската храна: Кои пазари растат најбрзо?
Македонското овошје, зеленчук и преработки со голем извозен потенцијал преку Лидл
Кои се најголемите трендови во индустријата за храна и пијалоци за 2026 година?
На кои пазари најмногу се продаваат македонскиот ајвар и преработки од зеленчук и овошје?


























