Германија останува најголемиот и најважен извозен пазар за македонската економија, но статистичките податоци покажуваат континуирано намалување на нејзиното учество во вкупниот македонски извоз во последните неколку години.
Во 2025 година извозот од Македонија во Германија достигна 2,9 милијарди евра, што претставува 36,2% од вкупниот македонски извоз. Иако Германија и натаму е најголем извозен пазар, нејзиното учество е значително пониско во споредба со претпандемиската 2019 година, кога изнесуваше 48,6%. Тоа значи дека за шест години уделот на германскиот пазар во вкупниот македонски извоз е намален за 12,4 процентни поени.
Највисока вредност на извозот во Германија е забележана во 2022 година, кога македонските компании извезле производи во вредност од 3,74 милијарди евра. Потоа следува тригодишен тренд на намалување, односно пад на извозот во 2023, 2024 и 2025 година.
Забавувањето на германската индустрија го погодува и македонскиот извоз
Падот на македонскиот извоз во Германија е директно поврзан со забавувањето на германската економија. Во последните години Германија се соочува со слаб економски раст, рецесија, високи трошоци за енергија, намалена конкурентност и послаба странска побарувачка.
Особено погодена е автомобилската индустрија, која претставува столб на германската економија и е тесно поврзана со македонските извозници.
Состојбата во германската автомобилска индустрија има силно влијание врз македонскиот извоз, бидејќи значителен дел од производството во домашните индустриски зони е вклучен во европските автомобилски синџири на снабдување. Македонските фабрики произведуваат кабелски системи, електронски и електрични компоненти, седишта, катализатори, метални и пластични делови и други производи што се вградуваат во возила произведени во Германија и во фабриките на германските автомобилски групации низ Европа.
Поради тоа, кога германските производители ги намалуваат нарачките, го забавуваат производството или го одложуваат лансирањето на нови модели, ефектите релативно брзо се пренесуваат и врз нивните добавувачи во Македонија. Тоа значи помал обем на производство, намален извоз, послаба искористеност на капацитетите и поголем притисок врз инвестициите и вработеноста во компаниите што работат за автомобилската индустрија.
Германската автомобилска индустрија истовремено поминува низ комплексна трансформација кон производство на електрични возила. Производителите се соочуваат со силна конкуренција од кинеските компании, намалена продажба на европскиот пазар и реструктуирање на производствените капацитети.

Според германскиот завод за статистика Дестатис (Destatis), производството во преработувачката индустрија во Германија се намалува трета година по ред, а меѓу секторите со најголем пад е токму автомобилската индустрија.
Овие промени директно влијаат врз синџирите на снабдување во кои се вклучени и македонските компании, што се одразува преку намалени нарачки и послаби извозни резултати.
Ризиците од преголема зависност од еден пазар и една индустрија
Падот на извозот кон Германија во последните години покажува дека забавувањето на германската индустрија, особено на автомобилскиот сектор, веќе има директно влијание врз македонските извозници. Истовремено, овој тренд ја открива и една од најголемите слабости на македонската економија – високата зависност од еден извозен пазар и од една индустрија што има доминантно учество во домашниот извоз.
Иако Германија и натаму ќе остане најважен трговски партнер на Македонија, економските аналитичари оценуваат дека на среден рок е неопходна поголема диверзификација на извозот. Тоа подразбира привлекување инвестиции во сектори со повисока додадена вредност, како што се електрониката, софтверот, батериските технологии и компонентите за електрични и автономни возила, како и отворање нови извозни пазари. На тој начин би се намалила зависноста од циклусите во германската автомобилска индустрија и би се зголемила отпорноста на македонскиот извоз.
Иако германската економија на почетокот на 2026 година покажува знаци на умерено закрепнување, структурните проблеми во индустријата и натаму остануваат сериозен предизвик. Според Германската централна банка, слабата глобална побарувачка за производите во кои германската индустрија традиционално е најсилна, пред сè автомобилите, придонесува за губење на конкурентноста и на извозните пазарни удели на германските компании.
За Македонија, чиј извоз во голема мера е поврзан со германската автомобилска индустрија преку синџирите на снабдување, тоа значи дека закрепнувањето на извозот нема да зависи само од подобрувањето на економските услови во Германија. Подеднакво важно ќе биде домашните компании да се приспособат на промените во автомобилската индустрија, да инвестираат во производи со повисока додадена вредност, да се вклучат во новите синџири поврзани со електричната мобилност и да ја намалат зависноста од еден пазар и една индустрија преку освојување нови извозни пазари.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Германската индустрија изгуби 177.000 работни места за една година, најмногу во автомобилскиот сектор
„Volkswagen“ има за цел да намали 100.000 работни места и да го прекине производство во четири германски фабрики
Кризата во германската автоиндустрија се продлабочува – под удар и добавувачите
Кина го уништува последното упориште на германската индустрија
Европската комисија ја преполови прогнозата за раст за Германија





















