Првите девет месеци од 2019 година фармацевтската компанија Алкалоид ги завршила со одлични резултати и со голем раст на извозот, добивката и инвестициите.
Компанијата објави дека во првите девет месеци годинава остварила консолидирани продажби од 134,4 милиони евра, што е раст за 15% во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар изнесуваат 46,6 милиони евра и се зголемени за 7% во споредба со првите девет месеци од 2019 година.
Вкупниот консолидиран извоз на компанијата во првите девет месеци достигна 87,7 милиони евра и е зголемен за 19% во споредба со истиот период лани.
Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени од извоз на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33% од вкупните продажби, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 4,5 милиони евра, што е 2 пати повеќе од лани. Во Русија во првите девет месеци Алкалоид имал вкупни продажби од 8,86 милиони евра, што претставува раст од 95%, додека во САД продажбите изнесуваат 3,1 милиони денари со раст од 69% споредено со истиот период од минатата година.
Кај извозните пазари Алкалоид бележи раст на вкупните продажби и во Германија од 51%, Украина има раст од 32%, Романија со раст од 24%, Косово раст од 16%, Бугарија раст од 15%, Црна Гора раст од 10%, Србија раст од 9%, Словенија раст од 9%, Хрватска 7% итн.
Фармацевтските производи носат 86% од приходите на Алкалоид
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 15%, Антибиотиците со 15%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 4%.
Нето профитот во првите девет месеци со раст од 25%
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември 2019 година, продажбите на Алкалоид достигнуваат 6.305.476.687 денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 21, 2 милиони евра и бележи зголемување од околу 22%, додека единечната нето добивка изнесува 12,4 милиони евра (764.835.749 денари) и е зголемена за 25%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 21,7 милиони евра (1.337.473.830 денари) и бележи раст од 22%, додека нето консолидираната добивка во износ од 12 милиони евра (738.604.635 денари) е зголемена за 26%.
На ниво на групација нето профитната маржа за првите 9 месеци од 2019 година изнесува 8,9%, оперативната маржа е 10,4%, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,2%.
Инвестиција од 11 милиони евра во нови производни капацитети
Во првите девет месеци годинава Алкалоид во основни средства инвестирал 9,8 милиони евра (602.620.282 денари), а според информациите од компанијата вложувањата главно се наменети за проширување на производните капацитети.
Од Алкалоид информираат дека во 2019 година започнале со инвестиции во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).
“Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација”, објаснуваат од Алкалоид.
По растот на профитот, покачување и на платата за вработените
Кога на компанијата и оди добро, добро ќе им биде и на работниците. По одличниот раст на извозот и профитот годинава, Алкалоид одлучи да ја покачи и платата на вработените. Имено, со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје во август 2019 година одобри зголемување на нето платата на вработените за 5,2% почнувајќи од 1 септември 2019 година со што просечната исплатена нето плата во компанијата за септември 2019 година достигна 46.686 денари или 760 евра.
Од Алкалоид информираат дека во првите девет месеци годинава се реализирани 127 нови вработувања, со што на крајот на септември годинава вкупниот број на вработени во Алкалоид АД Скопје достигна 1.576. Ако се земат предвид и вработените во друштвата и претставништвата во земјата и во странство, групацијата Алкалоид има вкупно 2.112 вработени.
Со Одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето.
Пазарната капитализација од 260 милиони евра
Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.500,00 денари или просечно 8.955,70 денари за една акција. Пазарната капитализација на компанијата достигна 16 милијарди денари.
Бизнис план за 2019 година – раст од над 7% на продажбите и профитот
Бизнис планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018 година предвидува инвестирање на околу 16% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2018 година како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2018 година.