Oлабавувањето на монетарната политика во идниот период ќе зависи од три фактори − движењето на инфлацијата, на девизниот пазар, како и политиката на Европската централна банка, имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Дневникот на МТВ, посочува дека трендовите кај инфлацијата и девизниот пазар се поволни, со раст на девизните резерви до нивото од 3,9 милијарди евра, но дека инфлацијата сѐ уште е на повисоко ниво од историскиот просек, како и дека сѐ уште има ризици од надворешното и домашното окружување, што упатува на внимателност при поставувањето на монетарната политика.
Гувернерката посочува дека во моментов не се забележува помасовен тренд на олабавување на монетарната политика кај централните банки, иако постои во некои економии. „Централните банки на најразвиените економии, коишто најмногу влијаат на меѓународните финансиски пазари, сега за сега, ја задржуваат истата монетарна поставеност, но важно е да се истакне и дека не продолжија со натамошно зголемување на основните каматни стапки“, вели Ангеловска-Бежоска и дополнува дека ЕЦБ во последниот извештај наведува дека очекува подолго задржување на истите каматни стапки, заради подолгорочно стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата. „Но, од друга страна ако се погледнат очекувањата на финансиските пазари, тие веќе вградуваат одредено намалување на каматните стапки“, истакнува гувернерката.
Осврнувајќи се на состојбата на домашните пазари, таа истакна дека глобалниот тренд на раст на каматните стапки во прилог на намалување на инфлацијата постоеше и кај нас, како резултат на затегнувањето на монетарната политика.
„Меѓутоа, ако го споредиме зголемувањето на каматните стапки кај нас, со зголемувањето на каматните стапки во ЕУ, кај нас тоа зголемување беше помало. Оттаму, ако во просек во историјата, задолжувањето на населението кај нас било поскапо за 2 до 3 п.п. во споредба со ЕУ, сега каматните стапки се речиси изедначени. Каква ќе биде натамошната финансиска поставеност и цената на задолжувањето, како и досега, ќе зависи од голем број фактори, од состојбата на банкарскиот систем, ликвидноста, конкуренцијата во банкарскиот систем, согледувањата за ризиците, расположливиот доход на населението, но и од идната поставеност на монетарната политика“, заклучува гувернерката Ангеловска-Бежоска.