Германската комора за индустрија и трговија вчера ги објави резултатите од истражувањето за ефектите од вирусот корона врз германската економија. Резултатите од анкетата укажуваат на тоа дека ефектите од вирусот корона влијаат врз германската економија. Во меѓувреме се откажани саеми, манифестации, настани и патувања, а вработените се праќаат во карантин. Надворешната трговија, особено со Кина, изминатите неколку недели е во застој. Како резултат на вирусот корона скоро секоја втора компанија во Германија очекува намалување на продажбата во 2020 година. Покрај падот на продажбата, компаниите се соочуваат и со застој во оперативните процеси.
70 проценти од компаниите веќе презедоа заштитни мерки за своите вработени против вирусот корона. 60 проценти од компаниите имаат потреба да бидат информирани во однос на континуитетот на исплатата на плати. 45 проценти од компаниите не се чувствуваат подготвени за справување со заразени, но и со можни сомнителни случаи во компанијата. Од гледна точка на компаниите потребно е да се преземат конкретни мерки поврзани со економската политика со цел задржување на персоналот како и ликвидноста на компаниите.
“Вчерашната конференција за медиуми на министерот за здравство Венко Филипче за актуелната криза со корона вирусот остави неколку отворени прашања кои предизвикаа несигурност кај локалните компании и мора да бидат решени во најкус рок. Не е јасно дали државата или компанијата ќе продолжи да ги исплаќа платите доколку вработениот отсуствува од работното место, доколку компанијата му понуди на членот на семејството флексибилно и поволно за семејството работно време или работа во смени. Отворено е и прашањето во врска со заканата за преземање на казнени мерки поради непочитување на мерките кое треба да се разгледа и од аспект на егзистенција на компаниитe”, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Мартенс информира дека во петок наутро ќе се сретне со Заменичката на Претседателот на владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска и ќе разговараат за клучните прашања на стопанството.