Германскиот производител на автомобилски и технолошки делови Robert Bosch во понеделникот jа отвори новата фабрика за чипови во Германија во вредност од 1 милијарда евра. Ова е рекордно најголема инвестиција на водечкиот снабдувач на автомобилски делови, во која ќе се произведуваат чипови за најновите електрични и самоуправувачки автомобили.
Фабриката, сместена во центарот за полупроводници во близина на Дрезден, се отвора во време додека автомобилската индустрија се бори со глобалниот недостиг на чипови и ќе ја зголеми можноста на Bosch директно да ги опслужува производителите на автомобили, притоа помалку потпирајќи се на трети производители.
“Секој чип што го правиме тука во Дрезден е еден чип помалку што недостасува. Тоа помага”, изјави за Ројтерс членот на управниот одбор Харалд Кројгер.
Обраќајќи се на церемонијата на отворање преку Интернет, канцеларката Ангела Меркел рече дека недостигот на полупроводници го попречува закрепнувањето на економијата на Германија и дека е важно да се зајакне отпорноста против надворешните шокови во снабдувањето.
„Ние не сме во пол позиција. Ние мора да бидеме амбициозни. Нашите конкуренти ширум светот не спијат”, изјави Меркел.
Во фабриката на Bosch ќе изработуваат специјализирани 300 милиметарски чипови, кои се дизајнирани да извршуваат единствена задача, како што е активирање на систем за автоматско сопирање во автомобил.
Сепак, новата фабрика тешко дека ќе послужи како пополнувач на јазот во моменталниот недостиг што се доживува на автомобилскиот пазар.
За изградбата на фабриката Bosch доби субвенција на трошоците од 200 милиони евра од германското Федерално Министерство за економија и енергија во рамките на програмата за инвестиции во микроелектроника