Годинава се очекуваат над 130 илјади туристи од Турција и повеќе туристи од Словенија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризам го промовираше туристичкиот потенцијал на државата заедно со приватниот сектор на два интернационални саеми во Истанбул и Љубљана.
На 31-от Интернационален саем Алпе Адриа во Љубљана заедно со Аурора турс и Експириенс балканс се работи на проширување на можностите за соработката со словенските тур-оператори, додека на саемот во Истанбул вмрежувањето и соработката е заедно со туроператорите Фибула, Бадемтур, Вардар Експрес, Хотел Парк, Њустар хотел, Карачи турс, Енџој Балканс и ДМС турс.

Штандот на РС Македонија во Љубљана првиот ден го посети амбасадорот на РС Македонија во Словенија, Сузана Зеленковска, додека делегацијата на Агенцијата во Истанбул го пречека министерот за туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој.
Интересот за македонските природни убавини и културни знаменитости, како и гостопримството и гастрономијата го разбудија интересот за посета на нашата држава, а дополнително со дел од балканские земји се разговараше и за задника промоција на трети пазари како и промоција на балкански тури.
На саемите за туризам во Љубљана и Истанбул се остварија бројни состаноци со туроператори и тристички агенции, маркетинг агенции, блогери и влогери, а неизоставен дел се и различните асоцијации и организации кои овозможуваат вмрежување и соработка на специфично ниво.

Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски авантуристичките форми на туризам, гастрономијата, еко туризамот и воопшто, руралниот туризам се магнет за посета на голем број словенски туристи во текот на целата година.

“Минатата година заврши со раст на словенските туристи кои повторно открија нови атракции, искуства и пријателства кај нас. Се надеваме дека многу брзо ќе се воспостави директна линија Љубљана- Скопје и ќе се потрудиме да ги поврземе дестинациите со чартер летови”, рече Јаневски.

Промоцијата на македонските дестинации на интернационалните саеми за туризам во Словенија и Турција несомнено ќе го зголеми порастот на бројот на туристи од овие земји, но она што е многу извесно е дека ќе се постигне и зголемување на бројот на ноќевања, а со тоа и продолжување на сезоната.

“Двата туристички пазари се многу значајни за македонскиот туристички сектор поради континуитетот на нивниот раст и зголемувањето на туристичките атракции за кои се заинтересирани кај нас. Турскиот пазар, како прв емитивен пазар, во 2020 година очекуваме да продолжи со раст бидејќи почнуваат нови чартер линии да летаат од Измир за Скопје и Охрид два до три пати во неделата во текот на летниот период што претставува поврзување на дестинациите, зголемување на туристите и бројот на ноќевања. Продолжува тенденцијата Македонија да се промовира како дестинација за неколкудневен престој со што ќе се овозможи зголемување на просечниот престој на турските туристи. Ова даде ефект во 2019 година, а успешно продолжуваме со таа стратегија во 2020 година. Очекувам 2020 година да не посетат повеќе од 130.000 турски туристи, изјави Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Турција е традиционален и најголем пазар за нашата држава, а ова 24-то издание на најголемиот настан во туристичката индустрија во регионов се очекува да привлече 60.000 професионалци и ентузијасти од 94 земји во светот кои имаат можност да се вмрежат со 1.200 туроператори и туристички агенции, додека саемот во Љубљана оваа, 10-та година по ред го стави фокусот на гастрономијата и заедно со 13 други земји и 500 егзибитори ги презентираше трендовите во гастрономски туризам, кампинг и културен туризам.

Бројките регистрирани во бројот на туристи и бројот на ноќевања на самиот почеток на годината влеваат оптимизам дека 2020 година ќе биде успешна и ќе го достигне таргетираниот раст од 5-7% во бројот на туристи и што поблиску до 4 милиони ноќевања, што ќе се одрази позитивно на просечниот престој на туристите и ќе акумулира зголемување на девизниот прилив.