Задолжителното тестирање на професионалните возачи и скратеното работно време на грчките служби предизвикаа километарски колони на македонско-грчката граница кои создаваат големи проблеми во редовниот транспорт на стоки.
Неодамна од Транспортната заедница и секретаријатот на ЦЕФТА предупредија дека неможноста за увоз на нафтени деривати од Солун може многу брзо да доведе до недостаток на нафта во Македонија, што може да има негативно влијание врз нејзината економија и домино ефект врз целокупната состојба на Западен Балкан и во ЕУ.
Мерките за заштита од ковид-19, кои направија огромни колони транспортни возила на границата, Грција ги воведе на 26 минатиот месец без претходна најава. Според тие мерки влез во Грција за превозниците е можен само со негативен ПЦР тест, кој се прави на самата граница. Но, граничниот премин Богородица – Евзони работи само 12 часа, од 6 до 18 часот, а за тој период може да се тестираат само 60 возачи, така што долгото чекање е неизбежно. Исто така, воведено е правило превозниците да се пријават за влез во Грција на посебна веб страница, а тоа е практично невозможно да се направи денес за утре, зашто страницата е постојано блокирана, па се чека на слободен термин.Овие мерки, како што посочуваат од Транспортната заедница и секретаријатот на ЦЕФТА се причина за подолго од вообичаеното време на чекање на премините Евзони- Богородица на границата со нашата држава и на Ктизмата- Какавија на границата со Албанија. Ситуацијата во Албанија е дополнително отежната поради фактот што Ктизмата – Какавија е единствениот граничен премин отворен со Грција, бидејќи два гранични премина беа претходно затворени.