Европската унија воведе царини за кинеските производители на фиберглас материјали од стаклени влакна произведени во Кина и Египет.
ЕУ наведува дека тие користеле нефер субвенции што им овозможиле да продаваат по претерано ниски цени во Европа.
Европската комисија, која ја контролира трговската политика во блокот од 27 члена, објави денеска дека кинеските компании добиле заеми по повластени услови, земјиште и електрична енергија по вештачки ниски цени, како и разни донации и даночни олеснувања, пренесува Ројтерс.
Царините се однесуваат и на две египетски подружници на кинеската државна корпорација ЦНБМ, што е првпат ЕУ да истражува дали кинеската помош ја користат и нивните компании лоцирани во странство.
Досега, обично се разгледуваа само субвенциите од земјата домаќин.
Заедно со поврзаните антидампинг давачки, ЕУ сега ќе применува и царини од 30% до 99,7 %, при што повисоките царински стапки ќе бидат за компаниите со седиште во Кина и пониски за производството во Египет.
Фибергласот наоѓа примена во многу индустрии, меѓу кои автомобилската, градежната индустрија, телекомуникации, хемиска и метална индустрија, производство на заштитна опрема…