Индустриското производство во мај годинава бележи пад од 13,2% во споредба со мај минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Индустриското производство паѓа веќе трети месец по ред годинава, по падот од 1,2%, односно 10,4% во април и март годинава.
Анализата на Извоз.мк покажува дека ова е најголем пад на индустриското производство во последните три години, односно од јануари 2021 година кога статистиката забележала пад од 13,5%, што само ја покажува лошата состојба во која се наоѓа македонската индустрија.
Податоците покажуваат дека производството паѓа во речиси секоја индустрија. Во секторот Рударство и вадење камен индустриското производство во мај има пад од 17,4%, во секторот Снабдување со енергија, гас има пад од 18,4%, додека производството во Преработувачката индустрија, каде се создава околу 80% од целото индустриско производство, е помало за 10% во мај годинава.
Најголемо намалување на производството во мај годинава имало кај тутунските производи од дури 45,9%, производството на облека 31,7%, производството на кожа од 31,1%, производството на лекови од 26,3%, производството на машини и уреди од 23,8%, производство на метали од 15,9% и производството на текстил од 15,2%. Производството на моторни возила, кое има најголемо учество од 13% во Преработувачката индустрија, има пад од 10,9%, додека кај производството на прехранбени производи има намалување од 5,4%.
Најголем раст има кај производството на фабрикувани метални производи од дури 114% во мај.
За периотот од јануари до мај 2024 година индустриското производство бележи пад од 4,9%.