Советот на странски инвеститори ја поддржува иницијативата со која се бара запирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност, која на транспарентен начин е поддржана и потпишана од органите на Комората, во која членуваат и компании од странските инвеститори во нашата држава.
Како странски инвеститори во нашата држава, со големо влијание врз создавањето на БДП, вработувањата и врз извозот, повикуваме на запирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност, бидејќи се носи ад хок во втората половина на деловната 2024 година за оданочување на добивката остварена во 2022 година.
Ваквиот неконзистентен пристап во неговото донесување, со ад хок решенија, создава несигурност кај постојните и кај потенцијалните странски инвеститори во земјава, што манифестира отсуство на политики за нови странски инвестиции, како и отсуство на грижа за веќе постојните инвеститори, за кои од особено значење e одржувањето предвидлив деловен амбиент, долгорочна стабилност и водење стабилни политики, наместо импровизации.
Исто така, Советот препорачува поголема вклученост на клучните чинители – компаниите – во креирањето политики и регулативи кои ќе придонесуваат за поповолно деловно опкружување и за стимулирање подобри економски резултати на компаниите, а со тоа и на државата.