Извозот на Кина порасна за 21,1% во ноември во однос на истиот месец лани, односно 11,4% во однос на минатиот месец, што е најбрзо темпо на раст во последните три години и најголем месечен износ во историјата на земјата, покажуваат податоците објавени од кинеската царинска агенција.

Податоците покажуваат дека ова е највисока стапка на раст на кинескиот извоз од февруари 2018 година, кога извозот порасна за 44,5%. Извозот во ноември имал вкупна вредност од 268 милијарди долари, што е највисока досега месечна вредност.

Ова е шести последователен месец на раст на извозот, со што станува очигледно дека фабриките во Кина продолжуваат да профитираат од затворањата заради короната во западните економии.
Увозот на Кина во ноември е поголем за 4,5% во однос на претходната година, што е намалување од 4,7% во однос претходниот месец.

Кинескиот трговски суфицит во ноември се искачи на 75,42 милијарди долари, што е за 102,9% повеќе од истиот месец претходната година и е далеку над стапката од 58,44 милијарди долари во октомври.

Силниот раст на трговијата во ноември се случува во време кога другите делови на светот се соочуваат со сериозно влошување на состојбата со коронавирусот, што ја зголеми побарувачката за медицинска опрема и електронска опрема за работа од дома произведени во Кина.

Испораките на електронска опрема се зголемија на 166 милијарди долари минатиот месец, што е зголемување за една година за 24,81%. Извозот на медицинска опрема порасна за 38%, пластичните производи 112 % и опрема за осветлување 47%.
Најголем пазар за кинеска стока во ноември биле САД, кои купиле стоки вредни 51,9 милијарди долари, за 46% повеќе во споредба со истиот месец лани.